Коалиција за чист воздух О2: Праговите за информирање и алармирање за ПМ10 да бидат пониски

Сподели со своите пријатели

Коалицијата за чист воздух О2 бара прагот на информирање за ПМ10 честиците да биде 50 μg/m3, а никако повисок од 75 μg/m3, два дена последователно, прагот на алармирање да биде поставен на 70 μg/m3, но не повисок од 100 μg/m3, исто така, два дена последователно и никакви дополнителни услови да не влијаат на нивното надминување, со цел, како што посочуваат, да може да се реализираат краткотрајните мерки против загадувањето на воздухот, во недостиг на мерки кои би биле на сила во текот на целата критична грејна сезона.

– Сметаме дека единствено нешто што останува како некаква можност за реагирање од страна на локалната власт и задолжително спроведување на краткорочните мерки се токму Праговите на информирање и алармирање за ПМ10 честичките. Примарната функција на праговите е заштитна, а безбедно ниво на ПМ10 нема. Затоа, неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето по секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на вклучувања на тој аларм. Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со ПМ10, а не да ја избегнува, се вели во соопштението од Коалицијата О2.

Loading...

Ваквото поставување на праговиите, кое како барање е доставено и до Владата на РМ, посочуваат од Коалицијата за чист воздух О2, е според препораките на СЗО, ЕЕА и по подобрите европски примери.

Оттаму посочуваат дека не се согласуваат со предлогот на Министерството за животна средина и просторно планирање, кое во предлогот што треба наскоро да го усвои Владата предвидело прагот на информирање да биде 100 μg/m3 два дена последователно, а прагот на алармирање 200 μg/m3 со намалување до 150 μg/m3 до 2022 година, два дена последователно.

Според предлогот, за да бидат надминати праговите постојат дополнителни услови и тоа овие вредности да бидат измерени на 50 проценти од поставените мерни станици во градот и добивање на прогноза за стабилна временска состојба во нареден период.

Извор: МИА