КК Куманово со реакција по вчерашниот натпревар со Карпош Соколи

Сподели со своите пријатели

По сите случувања од вчерашниот натпревар и загубениот полуфинален меч со Карпош Соколи со остра реакција се јави раковдониот тим на Кошаркарскиот клуб Куманово кој бара еднаков третман на репрезентативците од своите редови со, како што велат, „Легија на странци“.

По натпреварот со КК “Карпош Соколи” од Скопје би сакале да обрнеме внимание на неколку факти кои според наше мислење имаа влијание на конечниот резулатат, што секако е недозволиво во овој ранг на натпреварување.

Поради неизедначениот критериум на судиите (секоја чест на исклучокот) дојде до ситуација да во првото полувреме КК “Куманово” има 16 лични грешки, а КК “Карпош Соколи” само 7. На крајот на натпреварот тој однос беше 29 наспроти 20, што резултираше со дури 36 изведени слободни фрлања на домашната екипа, а само 18 на нашата екипа. Тука може да се споменат и повеќето недосудени чекори и други чудни одлуки од страна на судиите, но тоа го оставаме на разгледување и санкционирање од страна на комесарот за натпреварување.

Иако од наша страна на полувремето беше укажано дека таквиот критериум создава нервоза кај сите учесници на натпреварот и дека единствено што бараме е еднаков третман, тоа не вроди со плод.

Неприфатливо е репрезентативците на Македонија (кои во нашите редови се петмина) да се ставаат во подредена улога во однос на некоја “легија на странци”. Напоменуваме дека не бараме привилегии, туку само изедначен критериум, бидејќи репрезентативци тоа и го заслужуваат. Ако тоа не го добијат од страна на раководните структури на МКФ, треба да размислат дали да настапуваат за националниот тим.

Сакаме да ја запознаеме спортската јавност за уште еден факт кој претходеше на овој натпревар: на 04.05.2016 во 16.30 часот добивме делегирање на судии и делегат, кои под чудни околности во 18.30 часот беа заменети со сосема други судии и делегат. Дали ова се случи по извршен притисок од нечија страна или од други причини некој треба да објасни.

КК “Куманово” ќе продолжи на спортски план да се бори за што подобар пласман, без разлика на сите опструкции кои на одредени личности можат да им служат на чест.