КК Куманово поразен од Кожув

Сподели со своите пријатели

Со резултат 56:50 кошаркарите на Куманово претрпеа пораз од составот на Кожув, во крајно неизвесен натпревар со кој се затвори 5. коло од домашниот шампионат.

Кош за кош се играше скоро целиот натпревар, па така беше и самиот старт на мечот кога и двете екипи реализираа по 14 поени.

Мал број поени беа уфрлени и во втората четвртина, каде Кожув имаше еден поен повеќе пред гостите од Куманово, па на полувреме се замина со резултат 28:27.

Уште пред почетокот беше јасно дека ова ќе биде неизвесен натпревар во кој нема фаворит, затоа што и двата меча сезонава имаат скоро подеднакво квалитетни играчи, па така неизвесноста се префрли и во второто полувреме каде домаќинот повторно покажа подобра игра и со четири поени предност влезе во завршните десет минути од средбата.

На Кожув слабо им одеа тројките, а Куманово имаше премногу пропуштени топки. Иако се трудеа да направат пресврт во резултатот избраниците на тренерот Александар Петровиќ немаа сили против повозрасните играчи на тимот од Гевгелија. Натпреварот заврши со конечни 56:50, а последниот кош го даде и Никола Караколев, кој заедно со Миладин Пековиќ имаат по 11 поени, а еден помалку и Игор Мишковиќ, сите поранешни играчи на Куманово.

Во редовите на гостинскиот состав со 14 поени носител на играта беше Бранислав Ѓекиќ, со 10 Мирко Ковач, а еден помалку Лука Петровски. Се забележа и отсуството на плеј мејкерот Филип Думиќ, кој поради повреда го прескокна овој меч.

Следниот натпревар Куманово го игра повторно на гостински терен против составот на Пелистер.

Leave a Reply