Кабул им предложи мировни преговори на талибанците

Сподели со своите пријатели

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска на отворањето на Регионалната мировна конференција за Авганистан, што се одржува во Кабул, предложи талибанците да бидат признати како „легитимен политички субјект“, со што би се трасирал патот за преговори со нив за ставање крај на 16-годишниот конфликт во земјата.

Во обраќањето на собирот, чија цел е утврдување на платформа за мировни преговори во Авганистан, Гани предложи план за прекин на огнот и ослободување на затворениците.

Авганистанскиот претседател нагласи и дека во рамките на евентуален мировен договор со талибанците, тој е подготвен да се согласи и на промена на Уставот на Авганистан.

На оваа втора мировна конференција за Авганистан учествуваат претставници на 25 држави од регионот и три меѓународни организации, меѓу кои и ОН. Првата мировна конференција за Авганистан во овој формат се оддржа во јуни минатата година, но таа не даде никакви резултати.

Во пресрет на Конференцијата, талибанците вчера ги повикаа САД на директни преговори за ставање крај на конфликтот во Авганистан.

Тое е првпат по повеќе од две години талибанците да иницираат преговори за прекин на конфликтот. Талибанските лидери во март 2016 година одбија учество на мировните преговори и го отфрлија предлогот на властите во Кабул за дијалог, со образложение дека нема да преговараат „се додека не заврши странската окупација“ на Авганистан.

Во својот повик талибанците воопшто не ја споменаа Конференцијата во Кабул, туку предлагаат само директни преговори со Американците, останувајќи доследни на својот став дека не ја признаваат авганистанската Влада и ја сметаат за марионетска. /МИА

Leave a Reply