ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ догодина ќе набави нови 4.500 книги (видео)

Сподели со своите пријатели

Јавната општинска установа Библиотека „Тане Георгиевски“ во текот на 2016 година планира збогатување на библиотечниот фонд со нови 4.500 наслови, според програмата предвидена за следната година, а која денес едногласно со 33 гласа „за“ беше прифатена од советниците.

Успешната работа на установата денеска ги прими позитивните коментари и од советниците од локалната власт и опозицијата.

Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Јовановска ја пофали соработката која библиотеката ја има со Владата на Република Македонија, односно Министерството за култура, како една од ретките институции на локално ниво кои работат на тој принцип.

Пофалби стигнаа и од страна на советникот др. Драги Караџински кој вели дека оваа институција соработува и со локалната и со централната фласт.

  • Ова е пример како институцијата може да работи со сите фактори во државата. Да има убава програма што се реализира во целост.

Директорката на библиотеката, Нада Ивановска вели дека извештајот е сеопфатен и дека во него се третирани сите важни прашања, и се води сметка за збогатување на книжниот фонд со разновидна литература за потребите на сите категории корисници.

Според програмата предвидена е набавка на 4.500 книги, од кои најголемиот дел ќе бидат купени,  а дел од нив ќе бидат донации,  се очекува и Министерството за култура да достави дел од книгите што ќе ги печатат.

  • Многу внимание се посветува и на зголемувањето на бројот на читателите и користниците на библиотечните фондови, и во таа насока правиме најразновидни активности, манифестации, средби, трибини, промоции за да можеме книгата што поуспешно да ја популаризираме и да ја ставиме блиску на дофат на сите потенцијални корисниците во општината – изјави директорката Ивановска.

Според програмата и во 2016 година ќе продолжи дигитализацијата на книжниот фонд и се очекува истата целосно да заврши. Досега околу 50% од целокупниот книжен фонд е дигитализиран со што е олеснета работата на библиотекарите, но и електронската база им овозможува полесен пристап на читателите до саканите наслови.