Изложба на фотографија „Жените и фотографијата“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во петок со почеток во 19:30 часот ќе биде отворена традиционалната изложба на фотографии „Жените и фотографијата“.

Loading...

Изложбата е во организација на Фото клубот„ Куманово“.

Оваа година по седми пат ја отвораме изложбата „Жените и фотографијата“. Учество земаат 37 авторки од цела Македонија. Голема благодарност до членовите на Фото клубот Куманово кои дадоа свој придонес во реализацијата на оваа изложба, како и на вработените и директорот на НУЦК Трајко Прокопиев од Куманово за отстапениот простор, соработката и несебичната поддршка која ни ја даваат, велат од ФКК.

Објективот на жената фотограф е различен од објективот на маж фотограф, авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот.

Различноста на перцепцијата се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалноста и светот каде што припаѓа.

Историјата е полна со сведоштва за успешни фотографки почнувајќи од Џулија Маргарет Камерон и Тина Модоти, па се до Синди Шерман и Ени Лебовиц. Во својата позната студија насловена со За фотографијата (On photography) познатата есеистка и писателка Сузан Сонтаг ja разгледува специфичноста на фотографијата создадена од автори припаднички на женскиот род.

Loading...

Сузан Сонтаг под посебна анализа ги става фотографиите на Ени Лебовиц и го провлекува тврдењето дека генијалноста изразена во посебната убава уметност – фотографијата им припаѓа како атрибут на жените исто онолку колку што им припаѓа на мажите.

Фотографската уметност е една од ретките уметности во чие етаблирање и развој, жените придонесувале подеднакво со мажите.

Поради тоа може да се каже дека заложбите на жените и нивното интегрирање во создавањето на реалноста и пресликување на убавото е значајна и дека фотографијата е таа која е доказ за успешноста на жените во креирање на поубав и похуман свет.

Каква и да е улогата на фотографијата, се третирала таа како убава уметност, како ангажиран медиум на капиталистичкото општество, или како обликувач на современиот човек, присуството на жената во сферата на фотографирањето е силен доказ дека таа не е исклучена од современите текови и од нивното создавање или репродуцирање.

Фотографирањето може да стане мирен начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба…“

Изложбата ќе биде поставена до 19.03.2020 г.

Leave a Reply