Изгласан Буџетот за 2017 тежок 3,35 милијарди евра

Сподели со своите пријатели

Со 72 гласа „за“ и 37 „против“ денеска се изгласа Буџетот за следната година, кој ќе изнесува 3,35 милијарди евра, односно следната година власта што ќе биде изберена на 11 декемри ќе има на располагање 5,5% поголем Буџет.

Од друга страна, од даноци, придонеси и други давачки за граѓаните и фирмите, властите планираат во државната каса да инкасираат 3,05 милијарди евра, што значи дека ќе се потрошат околу 300 милиони евра повеќе пари од приходите, кои што ќе се обезбедат со задолжување на државата. Тоа е всушност буџетскиот дефицит кој што следната година треба да изнесува 3% од бруто домашниот производ (БДП).

Од вкупните расходи, за тековни потреби се планирани 2,9 милијарди евра, што е раст од 2,4% во однос на 2016 година. Од нив, за плати на јавната администрација се планирани 435 милиони евра, социјалните трансфери се проектирани на 1,5 милијарди евра, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 832 милиони евра ќе се наменат за исплата на пензии и во нив е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5%. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани 14,4 милиони евра, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување 9 милиони евра. За здравствена заштита се планирани 429 милиони евра.

Власта повторно најави рекорден износ на капитални инвестиции од 438 милиони евра, што е 20% повеќе отколку годинава, но сепак тоа е удел од само 13% од вкупниот Буџет за 2017 година.

Капитал.мк