Италијанската фудбалска федерација загрижена за ситуацијата во Милан

Сподели со своите пријатели

Роберто Фабричини, еден од главните во италијанската фудбалска федерација, изрази загриженост од случувањата во Милан.

„Кориере дела Сера“ вчера соопшти дека сопственикот на Милан, Ли Јонхон е на прагот на банкрот и во неговата татковина Кина веќе се води постапка за распродажба на неговите средства. Тие ќе бидат понудени на аукција на „Tаобао“ – кинеската верзија на „иБеј“.

– Загрижен сум од ситуацијата во Милан. Тоа е голем клуб, кој е многу важен дел од италијанскиот фудбал. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, но читајќи ги весниците, сметам дека треба да бидеме многу загрижени. Ќе се обидам да стапам во контакт со клубот во следните неколку дена да дознаеме повеќе, рече Фабричини.

Ли должи пари на две банки и во контекст на ова, фирмата за пакување „Zhuhai Zhongfu“ проценета на 60 милиони евра и од која компанијата на Кинезот поседува 11,39 отсто, веќе е понудена за продажба.

Освен тоа, пред неколку денови властите во Кина соопштија дека почнува истрага за фирмата „Shenzhen Jie Ande“ – сопственост на Ли Јонхон, бидејќи со месеци прикрива дека е во банкрот. /МИА

Leave a Reply