Исчезнати или редуцирани обичаите за Водици во кумановско

Сподели со своите пријатели

Кумановските етнолози ги регистрираат и изучуваат бројните обичаи кои се практикуваат во регионот, поврзани со православниот празник  Богојавление или Господово крштевање.  Дел од обичаите кои се практикувале во минатото сосема исчезнале или се редуцирани, појаснуваат етнолозите.

Loading...

Во денешни услови осветувањето на водата се изведува како голем црковен ритуал – се оди на река, езеро, базен или фонтана во кој се фрла крстот по кој скокаат верниците. Во минатото обичаите биле сосема поинкави.  Како што појаснува Анита Ѓорѓиeска,  виш кустос од Кумановскиот музеј,  со овој празник завршува циклусот на божиќните празници и периодот од дванаесет некрстени денови.

–Во минатото во  Кумановско, првиот ден од Богојавление  се вика Војордане или машки водици кога во реката се капат првите машки деца, зетовци, а вториот се нарекува женски водици, кога се капат женски деца- првенци и невести, и свештеникот ја осветува водата и ги прска со неа, изјави Ѓорѓиeска.

Според  истражувањата  на етнолозите, фрлањето на крстот е во тесна врска со некогашната човекова жртва на водата која потоа се заменува со крст како симбол на човекот. Во минатото, во распространетото верување меѓу народот, појаснува Ѓорѓиеска, на Богојавленската вода и се припишувале натприродни лековите својства.

–Со неа  се  прскала  куќата за здравје и среќа, пиеле болни, здравите луѓе, сипувале во бунар, ги прскале нивите и лозјата со верување за побогат род, изјави Ѓорѓиоска.

На вториот ден од празникот, карактеристично за кумановските села било практикувањето на таканаречениот обред Водичарки. Во овие групи учествувале жените, девојките се облекувале во народна носија, се собирале сретсело и оттука тргнувале и ја посетувале секоја куќа, пеејќи разни водичарски песни, поединечно на секој член од семејството, според неговата улога во семејството и поширокиот општествен статус. Водичарките благословувале за среќа и бериќет, а домаќинките ги дарувале со пари, круши, јаболка ореви, кои ги собирале помала група женски деца. И овие обичаи целосно се исчезнати во кумановските рурални средини.

Соборот на Св.Јован Крстител се слави утредента, на 20 јануари, и е во тесна врска со празникот Богојавление, односно со крштевањето на Исус Христос. Св. Јован  во црквата е издигнат над сите светци и во народот се смета за голем светител. Тој е заштитник на кумството и побратимството. Многу семејства го слават како куќна слава и за неа не се сврзани некои посебни обичаи. Оние кои го носат името Јован, Јовица, Јована го слават својот именден.

Leave a Reply