Интервју со Лидија Тасевска: Кумановците кои се на високи позиции со многу енергија и посветеност се борат за Куманово

Сподели со своите пријатели

КМ: На чекор сме од нови парламентарни избори, како би го оцениле она што до сега беше сработено во државата, со оглед дека подолго време сте пратеник од владејачкото мнозинство во законодавниот дом?

Loading...

Тасевска: На почеток сакам искрено да Ви  се заблагодарам на поканата за ова интервју.Инаку во Законодавниот дом сум само две години и тоа е период во кој се случуваа навистина важни  настани за нашата држава.Како парламентарно мнозинство донесовме историски, храбри одлуки кои се залог за иднината на нашите граѓани.Го решивме повеќедеценискиот спор со Република Грција, го потпишавме Договорот со Република Бугарија.Со овие договори  ги зајакнавме врските со нашите соседи. Како резултат на тие одлуки стануваме  полноправна, 30 членка на НАТО сојузот, а  го одблокиравме и  нашиот пат кон евроинтегративните процеси .

Мора да кажеме дека тоа се стратешки цели на нашата партија  и заложба која трае со децении наназад.Значи на надворешно-политички план имаме успех кој го потврдија сите европски и светски лидери и по коj нашата земја стана позната и препознатлива.

Република Северна Македонија го живее сонот на генерациите пред нас, на сите граѓани и лидери од нашата земја кои се вградени во остварувањето на стратешкиот стремеж кој започна со независноста на нашата земја .

На внатрешен план  беа направени реформи во сите сфери на општественото живеење со цел да го подобриме квалитетот на животот на нашите граѓани.Истовремено  требаше да ги вратиме долговите, да ги отстраниме сите неправилности кои ги воочивме при преземањето на власта. Затоа, со право ќе речам дека многу е направено за овие 2 ипол години.

На почеток би ги издвоила  законите кои беа доесени од областа на социјалната заштита кои по својата суштина се важни зашто се однесуваат односно ги опфаќаат сите социјални групи во општеството.За период од две ипол година се изградени или реновирани 43 детски градинки .Овој податок има повеќекратно значење.Прво со новите градинки се зголемува опфатот на децата во градинките што е многу важен момент и беше наша, партиска определба и цел, а од друга страна ,отворени се  детски градинки и во рурални средини таму каде што досега воопшто немало вакви капацитети.Пример се детските градинки во: Брвеница, Волково, Младо Нагоричане, Сопиште, Босилово, Муртино.

Освен нови детски градинки не беа  заборавени  ниту вработените во   детската заштита.Во оваа сфера се соочивме со недостиг на кадар , затоа што недостигаа 2000 негувателки и воспитувачки.За само две години освен што сриозно беа зголемени  платите за над 23 %, се рализираа и 1300 нови враборувања и со тоа го подобривме квалитетот на детската заштита.

Значително е зголемен број на децата кои примаат детски и образовен додаток.Сега 27000 семејства ги чувствуваат придобивките од социјалната реформа , а нивните деца имаат ист старт со останатите деца. Сега вкупно 22 000 деца добиваат детски додаток , а 8700 образовен додаток, бидејќи тоа е инвестиција која навистина ќе значи многу за иднината  на оваа држава.

Loading...

Владата инвестира во најранливите, иако малкумина веруваа дека тоа е можно.Порано, за време на претходната власт, социјалната помош се зголемуваше по 5% или за 130-180 денари и тоа секогаш како по правило пред избори.Ние успеавме да ја покачиме социјалната помош за над 300 %.

 Воведена е државна социјална пензија за лицата над 65 годиншна возраст кои не можат по друг основ да остварат право на пензија.

Со измените во Законот за обештетување на стечајните работници, опфатени се над 12 000 граѓани и со тоа е решен нивниот социјален статус.

Понатаму ,  намалени се  трошоцте за нотарските услуги и за услугите кај извршителите.

Според најновите податоци од Државниот завод за статистика 91, 6% од потрошената електрична енергија е произведена од домашни извори.Цената на електричната енергија е најевтина во Европа.Денес Електрани на Северна Македонија не купува струја, туку продава на европските пазари. Тоа значи дека во значителна мера е стабилизиран пазарот на струјата Добивката која е остварена од 80 милиони евра  се вложува  против аерозагадувањето.

Ја воведовме евтината дневна тарифа на струјата што исто така значи враќање на парите назад кај граѓаните.

Се укина радиодифузната такса .

Секторот земјоделство  е важна алка во македонската економија.Затоа во областа на земјоделството воведни се повеќе мерки со цел да се стимулира производството на сите култури паралелно со подобрување на условите за работа на земјоделците  и  подигнување на  нивниот стандард.Во оваа приика ќе ги набројам мерките:зелена нафта, млад земјоделец со што се дава неповратен грант од 10 000 евра. Оваа сума сега се зголемува на 20 000 евра.

Loading...

Искористеноста на ИПАРД програмата е над 50 % што е значително подобрување во однос  на претходниот период.Со мерките од ИПАРД 2 програмата им овозможуваме на земјоделците да ја обноват застарената механизација.Важно е што се  олеснија административните процедури за мерките од ИПАРД 2 програмата.

Податок којшто што така сакам да го споменам  е дека за прв пат по 11 години имаме редовна, континуирана и навремена исплата на субвенциите.Од 1 јуни 2017 година се исплатени долговите од 2013, 2014 и 2015 година.

Понатаму, во тек е постапката на донесување на сет закони од   областа на безбедноста со што ќе се направи чекор напред и во оваа сфера.Овие законски решенија се со цел подигнување на нивото на безбедноста на патштата.Да не се заборави дека во овој период беа комплетно изградени или реконструирани 40 полициски станици.

Една од најзначајните мерки кои ги  воведе  оваа влада е минималната плата.Кога во 2017 година ја презедовме власта , минималната плата изнесуваше 10 800 денари, а  за  работниците од кожарската, текстилната и индустријата за чевли изнесуваше едвај 9000 денари.  Таа социјална неправда беше исправена.Ја покачивме минималната плата и таа е еднаква за сите работници.Најпрвин беше покачена  на 12 507 денари,а  со последната одлука таа ќе изнесува 14 500 денари. Ова  значи дека  нашата држава има највисока минимална плата во регионот на Западен Балкан.Со ова се поттикнува дополнителен раст на останатите плати и секако зголемување на просечната плата во државата , што и се случува.

Стапката на невработеност падна на историски минимум од 17, 5 %, а особено е важен фактот дека пад на невработеноста е забележан најмногу кај младото население.

Стабилизиран е Фондот на пензиско и инвалидско осигурување како резултат на успешно водените  политики за овој период додека сме на власт.

Има уште многу што да се каже како одговор на Вашето прашање.Сметав дека ова се најкрупните промени кои се случија и кои се видливи за нашите граѓани.

КМ: Останува само уште Шпанија да го ратификува пристапниот протокол за нашето членство во НАТО. Во меѓувреме опозицијата побара македонскиот парламент тоа да го стори предвреме, за да не се попречуваат изборите. Каков е вашиот став по однос на таквите барања и реално може ли да дојде до пролонгирање на изборниот процес доколку се задоцни со ратификацијата?

Loading...

Тасевска: Деновие ова прашање е особено актуелно, откако опозициската ВМРО ДПМНЕ поднесе иницијатива за предвремено ратификување на протоколот за НАТО. Истовремено знаете дека од владата информираа дека ваков тип на иницијатива треба да произлезе од владата, а не од политичка партија. Од друга страна,не треба да се занемари  и уверувањето  на  шпанскиот премиер дека ратификацијата од страна на неговата земја ќе биде донесена во текот на јануари.Оттука , сметам дека ќе бидат запазени сите рокови и дека  чесно и достоинствено  ќе  бидеме 30 земја-членка која ќе ја направи ратификацијата.Не е добро да се прават какви било политички калкулации на оваа тема. Она што е суштествено е  да одиме сериозно и одговорно во делот на постапките кои се очекуваат од нас како држава.

КМ: Во тек се судските рочишта за Рекет, еден од можеби најконтроверзните во македонското правосудство. Бојан Јовановски се закани дека ќе открие имиња и на други инволвирани. Сметата ли дека меѓу нив ќе се најдат можеби членови на вашата партија, со оглед дека дел од нив беа споменувани во јавноста.

Тасевска: Неспорен е фактот дека аферата Рекет ја бранува македонската јавност и предизвикува голем интерес. Се работи за многу чувствителна тема – тема за високата  корупцијата , од која, за жал, не се имуни ниту далеку поразвените општества. Не сите луѓе исто реагираат и се справуваат со одговорноста која им е дадена и со моќта со која располагаат.

Но тука , според мене, најсуштинско прашање е како институциите реагираат и се  справуваат  со овие појави. Ставот на СДСМ во однос на аферата Рекет е јасен, конзистентен и  недвосмислен. Истиот  беше многупати повторен од страна на нашите највисоки партиски функционери, но искажан е и преку декларација на состанокот на ЦО пред неколку месеци. Секој кој е инволивиран во овој случај и за кого  ќе се докаже вината ќе одговара според законските процедури независно на која партиска или општествена функција се наоѓа. Инаку не би сакала да коментирам шпекулуации во однос на можнте имиња. Сметам дека е најдобро институциите на системот преку доказна постапка да ја  утврдат вината кај инволвираните .

КМ: Имаше критики од опозицијата дека постои значително намалување во реализацијата на капиталните инвестиции, како вие сте задоволни?

Тасевска: Ова е многу интересно прашање  на кое како и на останатите со задоволство ќе одговорам. Знаете, по дефиниција опозицијата е таа која критикува и која од свој политички агол ги гледа работите кои се случуваат, генерално и  посебно во делот за којшто прашавте  односно за капиталните инвестиции. Суштинско во однос на капиталните инвестиции е дали истите се користат за вложувања кои создаваат дополнителна вредност за граѓаните или служат само за покажување на форми и бројки.

Loading...

Како одговор на ова Ваше прашање ќе Ви презентирам неколку податоци кои јасно говорат и го демантираат она што го зборува опозицијата.

За регионално поврзување со соседите и подобрување на економската моќ на државата се интензивирани работите за изградба на железницата кон Бугарија. Завршена е изградбата на пругата од Битола до Кременица. Градиме водоводи и канализации што ќе  им го реши цивилизацискиот проблем на 220 илјади жители.

Значи, нема пат во Република Северна Македонија што не се гради. Оваа есен беше експанзија во ниско градбата односно изградбата на патната инфраструктура во земјава. Во оваа прилика не знам колку е соодветно да ги набројам сите патни правци кои се градат или рехабилитираат и доложината на овие делници. Можеби за Вашите читатели ќе биде поинтересно да се споменат бројките што се однесуваат директно за нашата опттина. Се асфалтираат патишта кои беа заборавени речиси 40 години. Имаме рехабилитација на сите патишта кои гравитираат во општина Куманово со должина од 112 километри.

КМ: Како го оценувате проектот Мој ДДВ, за повраток на дел од данокот кај граѓаните, колку оваа мерка ќе придонесе за сузбивање на сивата економија, а од друга страна ќе им заштеди пари на граѓаните?

Тасевска: Станува збор за една одлична мерка за која со задоволство се зборува и меѓу самите граѓани. Мерката Мој ДДВ е едно од клучните ветувања на нашата партија и истата дава солидни резултати. Според моите сознанија досега се скенирани над 20 милиони фискални сметки.

Loading...

Од почетокот на декември тече и првата исплата на трансакциските сметки на граѓаните. Ќе бидат исплатени вкупно 186 милиони денари.

Во суштина, оваа мерка  значи дополнителен приход во секое семејство , што ќе ја подобри куповната моќ и ќе влијае врз зголемувањето на потрошувачката.Паралелно со реализацијата на оваа мерка се зголемува и наплатата на ДДВ , а расте и повратот на ДДВ и кон компаниите.

Самата мерка има повеќекратно значење. За прв пат се враќаат  парите кај граѓаните, помага во сузбивањето на сивата економија и едноставно речено ѝ помага на самата институција, Управата за јавни приходи, да се справи со сите што сакаат да направат даночно затајување.

Кога ја спомнав институцијата , би сакала да додадам дека на овој начин се менува сликата за УЈП. Тоа не е повеќе институција која служи за уцени и за реваншизам , туку напротив  работи на  вистинско спроведување на законите и за општ интерес на граѓаните и на компаниите.

КМ: Со оглед дека доаѓате од редовите на просветните работници, да не бевте пратеник дали ќе бевте задоволни со најавените покачувања на платите во образованието, или ќе сметавте дека е потребно уште да се работи на тој проблем?

Loading...

Тасевска: Одговорот на ова прашање ќе го започнам со онаа позната максима дека секогаш и за сẻ може подобро. А во продолжение дозволете ми да дадам и поширока експликација и секако споредба.

 Од 2010 гоидина до 2017  година платите на просветните работници беа зголемени за едвај 850 денари.Во периодот од јуни 2017 година до август 2019 година 2100 денари. Значи, ако внимателно ги погледнете бројките ќе ја согледате разликата , а заклучокот сам по себе се наметнува.

Едноставно речено,во образованието се слушнати барањата на наставниот кадар. Од 1-ви јануари 2020 година платите во основното, средното и високото образование ќе се зголемат за 10 %.Ова е трето покачување по ред, откако претходно двапати се зголемија платите по 5 %.Наставниците и професорите севкупно добиваат повисоки плати за 20 %. Важно е да се потенцира дека ова се случува за еден нецел мандат на владата предводена од СДСМ.

Целта на покачувањето на платите е подобрување на образовниот процес , заштита на наставничкиот дигнитет и поголема мотивација на вработените во образованието. 

Се разбира дека владата предводена од СДСМ и понатаму ќе превзема сериозни мерки со цел подобрување на стандардот на просветните работници и подигнување на условите на нивното работење  во воспитно-образовните институции.

КМ: Нешто што прво го направивте во сферата на образованието како владејачка гарнитура е укинувањето на екстерното тестирање. Што е она што во овој момент е вишок или му недостасува на образовниот систем?

Loading...

Тасевска: Се работи за многу комплексно прашање. Укинувањето на екстерното тестирање беше навистина повеќе од потребно, бидејќи беше еден вид на алатка која внесуваше несигурност, страв и не беше инструмент за мерење на вистинските резултати и на учениците и на наставниците.

Во  моментот се работи на повеќе проекти на сите нивоа на образовниот систем. Како илустрација би ги навела следните податоци кои покажуваат дека владата  е посветена на реформите во образованието во контретниот прмер во средното стручно образование, бидејќи тука се воочени одредени  слабости.

Во рамкте на проектот за равој на вештини и поддршка на иновации поддржан од Светска банка во изминативе две години интензивно се  работеше  на креирање на нови 1182 наставни програми за 52 профили во четиригодишното средно стручно образование , откако со поддршка на Европската унија беа изготвени нови наставни програми за две и тригодишно средно стручно образавание.Во тек е опремување на стручните училишта со современа ИКТ опрема (смарт табли, компјутери и друга ИКТ технологија) но и современа стручна опрема за кабинети и работилници за изведување на практична настава во стручните училишта.Значи, инвестираме за да имаме мотивирани наставници, задоволни ученици и родители.

Loading...

Како што можете да воочите фокусот е ставен на промени во средното стручно образование затоа што увидовме дека недоволно се популаризираат струките што постојат во нашите училишта, но и дека постојат недостатоци во наставните програми што треба да се подобрат.Целта е подобро подготвени ученици на пазарот на трудот и задоволни работодавачи.

КМ: Денеска скоро па секој може, а и запишува факултет, сметате ли дека тоа е здраво за општеството или со тоа одиме во некоја погрешна насока?

Тасевска: Демократско право на секој граѓанин е да одлучува за својата професионална иднина, а во тие рамки и дали ќе заврши високо образование или не. Последниве 10-тина години навистина имаме поголем број на приватни уиверзитети кои го олеснија запишувањето на завршените средношколци на факултет. Од една страна , е добро да постои еден вид на компетитивност меѓу самите факултети и поголем избор за самите ученици, но тоа да биде искористено во позитивна насока. Според мене, таа позитивност  би била поголем квалитет на самите студии и поедуцирани кадри. Знаете, сẻ што е спротивно на ова би нẻ довело  сите во една незавидна ситуација. Не  смее да се заборави и фактот дека мора да постои корелација меѓу потребите на пазарот на трудот за одреден вид на кадри и меѓу завршените кадри.

КМ: Според граѓаните, а и дел од невладините имаме преобемна јавна администрација. Сметате ли дека навистина е така, и како сте задоволни од реформите во тој дел?

Тасевска: Реформите во делот на јавната администрација одат со темпо кое е соодветно на самата проблематика, која е во својата суштина навистина сложена и обемна. Во таа насока се следат сите сугестии од релевантните европски институции за правење на исчекор во оваа сфера. Сведоци сме дека цела една деценија се вработуваа кадри во јавната администрација без соодветна стручна подготовка и без вистинска контрола на нивната работа и ефкасност.Се вложуваат максимални напори во исправање на сите недостатоци.

КМ: Куманово според податоците е меѓу најзагадените градови. Локалните власти велат дека болницата е еден од најголемите загадувачи, министерството најавуваше гасификација, но таа никако да започне. Сметате ли дека треба да се забрза тој процес и што е она што дополнително би можело да се преземе во поглед на аерозагадувањето?

Тасевска: Проблемот на аерозагадувањето, за жал, го има во  многу држави .

Се разбира дека како жител на Куманово сум заинтересирана и сакам  сẻ што е корисно во борбата против аерозагадувањето да биде преземено. Мора да признаеме дека се работи за   проблем што не може да се реши едноставно и брзо.

Мора да му се пристапи од повеќе аспекти, од подигањето на свеста на граѓаните за еколошкото загадување па сẻ до потребните мерки што треба да го преземат одредени иституции. Сметам дека  се работи за забрзување на процесот на гасификаијата на болницата во градот и дека тоа ќе биде значаен чекор во борбата против аерозагадувањето.

КМ: Во изминатиот период се реконструирани низа регионални патни правци во градот. Она што во последен период се јавува како проблем е стариот „Искрин мост“ кој е во очајна состојба и за кој граѓаните велат дека наскоро може да стане закана за безбедноста во сообраќајот. Имате ли податоци кога може да се очекува негова рехабилитација?

Тасевска: За жал, немам конкретни податоци во врска со стариот Искрин мост. Сметам дека истиот ќе биде опфатен со рехабикитаџија на патнот правец Куманово – Свети Николе.

Истовремено би ја искористила оваа прилика да ги повикам сите граѓани  да ме информираат како пратеник  за сẻ она што сметаат дека е проблем во нивното секојдневно живеење и заеднички да разговараме за можните решенија.

За таа цел е и пратеничката канцеларија која се наоѓа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ која е оторена секој работен ден и во сабота и каде што можеме да поразговараме за сите актуелни проблеми.

КМ: Кампањата се уште не е започната, меѓутоа некако во јавноста се остава впечаток дека двете најголеми партии со средбите со граѓаните, со некои партиски активности веќе длабоко се впуштија во предизборен „лов на гласови“.

Тасевска: СДСМ како одговорна партија постојано е меѓу и со граѓаните. Во текот на летниот период реализиравме 600 маалски средби во урбаните и руралните средини, со цел да ги чуеме граѓаните, нивните секојдневни проблеми ,да одговориме на нивните прашања и дилеми. Во моментот како што знаете се организираат граѓански , отворени трибини под мотото На прав пат, каде што исто така се разговара на актуелни теми. Најважно од сẻ е дека не се отуѓивме од народот. Не  сме самобендисани, имаме енергија да си ги препознаеме грешките , да се поправаме  за нови успеси и заеднички со граѓаните да одиме напред.Има уште многу проблеми за решавање , но знаеме и сакаме да ги увериме сите граѓани дека сме на прав пат. Сите  препознаваат дека е вратена слободата на медиумите, дека  е заборавен реваншизмот , дека имаме јасно поставени цели кон кои чекориме посветено и чесно.

КМ: Куманово сега има голем број претставници на високи позиции, министри, пратеници, директори на јавни претпријатија. Ветувавте дека ќе се одолжите на Куманово, сметате ли дека успеавте и дека она што е направено до сега е доволно?

Тасевска: Точно е дека како никогаш досега Куманово немало толку многу свои сограѓани на високи позиции  во државата и да Ви кажам дека лично тоа многу ме радува. Тоа е заедничи успех на сите нас и луѓето кои се  на овие високи позиции со многу енергија и посветеност се „борат“  за Куманово .

Loading...

На прашањето за капиталните инвестции , малку погоре, реков дека се гради околу Куманово како никогаш досега. Во таа насока би ја спомнала и сумата од 20 милиони денари што владатаи ѝ ја одобри на опшината Куманово за индустриската зона  во селото Речица.  Овие средтства ќе се искористат за инфраструктурно уредување на зоната: водоводна и канализациона мрежа, атмосферска канализација, пречистителна станица и асфалтирање на улици. Со оглед на добрата местоположба и условите што ќе се создадат , се очекува и нашиот град да добие атрактвна индустриска зона.

Се разбира, секогаш може подобро , но мерките што се преземаат се реални и се базираат на вистинските потреби на граѓаните. Се надевам дека во иднина ќе има и други проекти за задоволство на граѓаните на Куманово.

КМ: Каков исход очекувате од претстојните избори на 12ти април?

Тасевска: Очекувам дека ќе добиеме уште еден мандат од граѓаните и дека ќе формираме влада.Овие мои очекувања ги базирам на реална основа. Сите податоци кои ги изнесов како одговор на Вашите прашања се сами по себе доволни за да ја дадам оваа констатација. За само две ипол години успеавме да направиме многу во сите аспекти на општественото живеење.Ја подигнавме на повиско ниво транспарентноста на сите институции и на  носителите на јавни функции, ги насочивме парите кон граѓаните и ги намаливме непродуктивните трошоци. Растат платие во сите сектори : во образованието, во здравството, во одбраната и безбедноста.Од почетокот на идната  година ќе се зголемат и пензиите. На меѓународен план имаме успеси кои се препознатливи и признаени.На прав пат сме и така треба да продолжиме.

 Затоа се надевам дека граѓаните ќе ни ја дадат нината доверба за да продолжиме заедно со нив да ја градиме нашата земја и да биде достоинствено место  за живеење.

Leave a Reply