Интервју со Анита Спасовска – генерален менаџер на приватната компанија ”Бучен Козјак”

Сподели со своите пријатели

Анита Спасовска, генерален менаџер на приватната компанија ”Бучен Козјак” од Куманово неодамна во своето интервју дадено за агенцијата МАРИЛИ, зборуваше за успехот на компанијата да извезува свои производи во Руската федерација, Белорусија и Казахстан, како една од трите компании кои беа избрани како најповолн понудувачи на пазарот, но и за успесите и предизвиците, оваа компанија да ја менаџира жена, која воедно беше прогласена за најуспешна жена – менаџер во Македонија.

Loading...

Бучен Козјак е препознатлив бренд во домашната млечна индустрија, синоним за квалитет и вкус. Што претставува брендот за Вас и можете ли да кажете која стратегија беше применета при неговото создавање?

 Фактот дека означувањето на производите постои откако постои и пазарот е доволен показател за важноста на брендот. Тоа е призмата низ која потрошувачите ги гледаат компанијата, производите и услугите и притоа го формираат своето мислење за нив. Поаѓајќи од фактот дека брендот е сè она, опипливо и неопипливо, што со помислата на производот или на услугата се создава во свеста на потрошувачот, можам да кажам дека создавањето силен и препознатлив бренд е императив за секоја компанија. Брендот креира приказна за потрошувачите и кога ќе се пронајдат во неа, тогаш и тие сакаат да станат дел од неа. Тоа се дополнителните вредности поради кои потрошувачот донесува одлука при купувањето на производот. Патот како „Бучен Козјак“, кој од едноставен симбол се трансформира во недопирлива, нематеријална и корпоративна сопственост, навистина е долг и исполнет со разновидни препреки. Триесет и двегодишното постоење на македонскиот пазар говори дека потрошувачите се пронашле себеси во нашата приказна и дека се задоволни од тоа што им го нудиме. Нашите вредности се поставени уште при креирањето на брендот и целосното внимание е фокусирано на квалитетот на производите и на автентичноста на нивниот вкус, карактеристичен за нашата територија и за нашата традиција. Брендот претставува значаен инструмент во остварувањето на конкурентската позиција и препознатливост на пазарот. За да може еден бренд да ја придобие лојалноста на потрошувачите, тој треба да исполнува три услови, и тоа: да ги задоволува функционалните потреби, да создаде емоционална поврзаност и да ги исполни очекувањата (културни, општествени и сл.) на потрошувачот. При донесувањето на стратегиската одлука за избор на соодветна бренд-архитектура „Бучен Козјак“ се има одлучено за монолитна архитектура на брендот, што значи дека за секој свој производ го користи името на компанијата.

Пред околу две години се преселивте на нова локација, во модерен производствен погон. Дали тоа значеше зголемување на производствениот капацитет? Со кои производи се претставува „Бучен Козјак“ и дали компанијата поседува сертификати за стандардизација?

Во декември 2013 година „Бучен Козјак“ го пренесе целокупното свое работење (одделението за набавка и прием на млеко, производството и администрацијата) на нова локација, во современ индустриски објект изграден според стандардите за ваков вид дејност. Со тоа компанијата доби можност да го зголеми капацитетот и да ја прошири продажбата на своите производи во уште неколку града во Македонија. Палетата на производи на „Бучен Козјак“ ја сочинуваат: киселите млека (кравјото и овчото што минатата година го добија медалот за квалитет „Quadal“), јогуртот, пастеризираното млеко и неколку вида сирења (кравјо и овчо бело сирење; кравјо и овчо жолто сирење; мешано сирење и урда).
Негувајќи ја својата политика за квалитет, посветена на работата и на остварувањето на долгорочните цели, компанијата постојано се стреми кон усовршување на производствените капацитети и на персоналот, како и унапредување на работната атмосфера. Од таа причина во втората половина на 2014 година го имплементиравме меѓународниот систем за управување со квалитет според барањата на стандардот ISO 9001: 2008, а потоа го добивме сертификатот со што се потврдија квалитетот на производството и начинот на работење во компанијата. Но не планираме да застанеме тука и за иднина се предвидени имплементации и сертификации и на други стандарди со кои уште повеќе ќе го подобриме нашето работење.

Колку се вложува во едукацијата на менаџерскиот тим и на вработените? Ги следите ли современите трендови и дали спроведувате посети на обуки?

Денес кога технолошките промени се одвиваат со многу брзо темпо и кога зборуваме за економија на знаење, континуираното учење во текот на целиот живот станува неопходност не само за поединците што сакаат да бидат конкурентни на пазарот на труд, туку и за претпријатијата што се стремат кон развој. И тука се поставува прашањето: Дали е подобро да се инвестира во вработените и притоа да се соочиме со ризик тие да заминат во друга компанија или, пак, воопшто да не се инвестира во нив со што се соочуваме со друг ризик – да останат во компанијата. И како што вели една грузиска поговорка: Знаењето е повредно од парите, но е поостро од сабјата. Ова поттикнува на размислување и се поставува прашањето што е најправилно да се одлучи.
„Бучен Козјак“ е компанија што постојано се развива и, покрај набавката на современа опрема, континуирано вложува и во човечкиот потенцијал. Во современото работење не е тешко да ја набавиме опремата што ја посакуваме, но тоа не е исто и со вработените што ни се потребни. За мене како генерална менаџерка на компанијата од најголемо значење се вработените. Јас и моите колеги секојдневно дискутираме и ги решаваме предизвиците со кои се соочуваме, сите заедно работиме и се трудиме да креираме колку што е можно повеќе задоволни потрошувачи. Од таа причина во нашето работење е присутна едукацијата, односно спроведуваме посети на обуки од различни сфери. Се трудиме во континуитет да се реализираат и интерни обуки во рамките на компанијата, а тие, исто така, придонесуваат за потсетување на постојното знаење и вештини, но истовремено и за воведување нови пристапи и техники во работењето.

Loading...

Какви планови подготвува „Бучен Козјак“ за идниот период? Како се подготвувате за извозот и што ќе извезувате во Руската Федерација, Белорусија и во Казахстан, за што добивте дозвола за извоз преку Агенцијата за храна и ветеринарство на Р. Македонија, во рамките на соработката со Македонско – руската стопанска комора?

 „Бучен Козјак“ е една од трите млекарници во Република Македонија што добија дозвола за извоз на своите производи во Руската Федерација и во другите земји-членки на Евроазиската економска унија. Дозволата ја добивме по инспекциската посета на експерти од Федералната служба за санитарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација (Роселхоз надзор) во соработка со претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство на Р. Македонија. Во овој период засилено работиме на усогласување на сите детали околу извозот, но истовремено вршиме и подетално истражување на овој пазар.

Што значи да се биде генерална менаџерка на компанија што е дел од виталната сфера во прехранбената индустрија и да се организира специфичното производство на млечни производи?


Да се биде генерална менаџерка во прехранбената индустрија значи голема одговорност, но истовремено и предизвик. За мене како менаџерка на компанијата е многу важно да успевам да ги симплифицирам и да ги правам интересни проблемите со кои се соочуваме во текот на работењето, а нивните решенија да бидат конструктивни, така што секој мој колега да добие желба да се фрли на работа и притоа да се забавува. Постојаното следење на случувањата на пазарот и на промените што настануваат, како и приспособувањето кон нив, а притоа да се биде во континуиран тек со промените во законските регулативи се мое секојдневје. Производството како процес е мошне интересен, но истовремено и сложен, а добива уште поголема тежина бидејќи основниот инпут е млекото за кое знаеме дека не дозволува пролонгирање на периодот на преработка. Точно се знае колку трае секоја фаза откако ќе се измолзе млекото до завршувањето на пакувањето на готовиот производ и негово поставување на полиците во маркетите. Иако можеби изгледа дека тоа преминува во рутина, верувајте ми дека секој ден е поразличен од претходниот или од наредниот. Посебно задоволство во работата ми претставува фактот дека и пред да почнам да работам во „Бучен Козјак“ бев лојална потрошувачка на нејзините производи и една од многуте што се пронаоѓаа во приказната за која говорев претходно. Убаво е чувството кога знаете дека на крајот од денот, исполнет со напорна организација и менаџирање, како финален резултат се создаваат производи што кај потрошувачите предизвикуваат задоволство.

Што значи да се биде успешна менаџерка, како успевате да ги усогласите работните и приватните обврски? Колку Ви значи признанието една од топ десетте најуспешни жени менаџери што оваа година Ви го додели агенцијата „Марили“?


Да се добие признание со кое Ве прогласуваат за една од десетте најуспешни жени менаџери и притоа да се биде во друштво со жени што се докажани во своето работење и се од големо значење за македонскиот бизнис-сектор секако дека создава чувство на задоволство, но истовремено претставува и дополнителна мотивација за реализирање на голем број идни планови. Успехот доаѓа ако го работите тоа во што уживате. Ако не уживате во тоа, дали тоа воопшто може да се нарече успех? И ако работата толку многу нè окупира и немаме време за ништо друго, тогаш нешто не е в ред или со нас или со работата, бизнисот. За да успеам во она што го посакувам во мојот професионален развој, всушност, добивам огромна поддршка од моите најсакани, моето семејство. Тие се генератор на мојата енергија, моментите поминати во пишување домашни задачи, подготовките за училиште или правењето фигури од лего – коцки се неопходни во мојот секојдневен живот за да кажам дека успевам во тоа што го сакам.

И како и во професионалниот живот, така и во приватниот, со добра организација и менаџирање, со поставување приоритети и со целосна посветеност се постигнува саканото.

Loading...

Интервјуто е преземено од агенцијата ”Марили”