И во 2016 неколку кумановски фирми на „црната листа“ на УЈП

Сподели со своите пријатели

Управата за јавни приходи на Република Македонија го објави должничкиот список на приватни и правни лица кои не платиле давачки кон државните служби, пред се данок на додадена вредност.

Што се однесува до најголемите должници на највисоките позиции, односно четвртотто место се наоѓа „Македонија пат“ со долг од над 424 милиони денари и тоа 416,3 поради неисплатен ДДВ и 7,8 милиони поради неисплатен данок на добивка. Веднаш потоа следува Македонски шуми со 221,3 милиони денари долг. Македонската радио телевизија се наоѓа на 19-то место со долг од 122 милиони денари, а со тоа и натаму останува еден од најголемите должници во државата.

И на првата листа за 2016 година, повторно се вртат имиња на неколку кумановски фирми кои должат големи суми. Така прва е „Нама“ А.Д. Куманово со долг во износ од нешто 87,7 милиони денари и со тоа се наоѓа на 28-то место на најголемите должници на листата на УЈП.

„Хуљуси – комерц Исмаил“ ДООЕЛ, с. Черкези се наоѓа на 52-то место на листата со долг во износ од 50,5 милиони денари.

Веднаш зад него се наоѓа и приватно лице, Јосевски Звонко со долг од 46,3 милиони денари за неисплатени придонеси за плати, како и придонеси по други основи.

Со 35 милиони денари долг на 84-то место на листата должници на УЈП се наоѓа и фирмата „Кик“ А.Д. Куманово, поради неисплатен ДДВ, Данок на добивка, како и придонеси за плати.

На 105-то место се наоѓа компанијата Виктор Манев Виктор ДООЕЛ Куманово со долг во износ од 29,9 милиони денари, пред се главно поради неисплатен данок на додадена вредност.

На 153-то место повторно се наоѓа приватно лице, Ѓорѓиевски Мартин роден во 1971 година, со долг во износ од над 20 милиони денари, поради неисплатени придонеси по различна основа.

Од јавните претпријатија во градот на листата се наоѓа ЈП „Чистота и зеленило“ со долг од над 5 милиони денари, поради неисплатен ДДВ и данок на добивка, а со износ од 1 милион денари должник е и подружницата на Шумско стопанство од Куманово, поради неисплатен данок по друга основа.

Со нешто помали износи има и голем дел други претпријатија и правни лица од Куманово и истите се повторуваат во секој извештај на Управата за јавни приходи.