И покрај примирјето продолжуваат борбите во Источна Гута

Сподели со своите пријатели

Сириските владини сили и бунтовниците денеска ги продолжија борбите во Источна Гута и покрај прогласеното секојдневно примирје од пет часа, соопшти Сириски центар за мониторинг на човековите права.

Сириските сили забележале напредок во реонот на Хауш ад Дауахири на источниот фронт на опколената бунтовничка енклава.

Сириската арија не ги коментира наводите на организацијата, чие седиште е во Лондон.

Бунтовниците денеска ги гранатираа позициите на сириската армија во реонот на хуманитарниот коридор во Мухајам ал Вафидин.

Сириски центар за мониторинг на човековите права објави и дека за време на вчерашниот прекин на огнот во артилериски напад загинало едно дете, а повредени биле 17 лица. Центарот исто така соопшти дека кусо пред истекот на хуманитарната пауза, биле извршени воздушни напади во некои делови на Источна Гута.

Сириските државни медиуми јавија дека во артилериски напад на бунтовниците врз Дамаск загинало едно, а биле повредени пет лица.

Престрелки имало и на хуманитарните коридори за да се спречат цивилите да ја напуштат енклавата. Воен извор за германската новинска агенција ДПА изјави дека 15 амбулантни возила и 10 автобуси чекале на периферијата на Источната Гута и преку звучници ги повикувале бунтовничките фракции да дозволат евакуација на цивилите.

– Бунтовниците, сепак, не им дозволија да ја напуштат областа и истрелаа пет гранати врз пункт кој бил предвиден за извлекување на цивили и болни лица. Во престрелката загинале три сириски војници, изјави неименуван претставник на Обединети нации.

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на денешната седница на Советот за човекови права при ОН во Женева изјави дека екстремистите во предградието на Дамаск, Источна Гута го блокираат доаѓањето на хуманитарната помош и евакуацијата на цивилното население кое сака да ја напушти енклавата, и покрај тоа што Москва најави формирање хуманитарен коридор.

– Ги повикуваме членовите на така наречената американска коалиција да обезбедат ист хуманитарен пристап до подрачјата под нивна контрола, истакна Лавров.

Тој додаде дека Русија ја поддржува сириската армија во нејзините напори за искоренување на терористичката закана.

– Сметам е дека е недозволиво терористите да бидат поделени на „добри“ и на „лоши“ уште повеќе врз основа на нивните цели или извори на финансирање. Русија ќе продолжи да се бори со опасната пракса на двојни стандарди, вклучително и преку помагање на сириската армија за конечно искоренување на терористичката закана, истакна шефот на руската дипломатија./МИА

Leave a Reply