И по тричасовна дискусија, советниците не изнајдоа решение за проблемот со водоснабдување

Сподели со своите пријатели

На четириесетатта редовна седница на Советот на Општина Куманово, на која како прва точка од дневниот ред беше разгледувана состојбата за водоснабдување на град Куманово,  директорите на ЈП „Водовод “ и ЈП „Водостопанство – Кумановско-липковско поле“ пред советниците доставија извештаји за работата на двете градски претпријатија.

Loading...

Целокупната расправа се одвиваше со партиски препукувања помеѓу советниците, но и директорите на претпријатијата.

За разлика од првите три месеци од работењето на ЈП „Водовод“ кога претпријатието бележи загуба од 3 милиони денари, во второто тримесечје се бележи приход од нешто над милион денари, со што приходите се поголеми, а расходите се намалени споредбено со истиот период изминатата година.

Што се однесува до кризата со вода, директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски вели дека проблемот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, од каде двајца инспектори направиле целокупен увид во работењето на „ЈП Водовод“, но во телефонски разговор со надлежни лица од „Водостопанство“ наишле на дрско однесување и не успеале да извршат увид во работењето со изговор дека им завршило работното време.

Директорот пак на ЈП „Водостопанство Кумановско-липковско поле“, Филип Филиповски рече дека претпријатието врши редовно снабдување со сирова вода, но поради дивите приклучоци на мрежата на „ЈП Водовод“ истата не стига до Филтер станицата во пуштените количини.

Тој го обвини и градоначалникот Зоран Дамјановски, дека истиот во неговата програма ветил изградба на нов цевковод, но истото не го реализирал, со што расправата ја одведе на политичко ниво, на што градоначалникот остро реагираше дека двајца луѓе ја држат во раце судбината на 120.000 граѓани.

Во дискусијата беше спомената и новата цена на сирова вода, која се плаќа на „ЈП Водостопанство Кумановско – липковско поле“, на што градоначалникот реагираше дека Општина Куманово плаќа најскапа цена за сирова вода од 4,8 денари, што споредбено со другите општини е најскапа во државата, а со тоа и сметките на граѓаните се повисоки.

Инаку цената е регулирана само со усмен договор со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, директорите на двете претпријатија и градоначалникот на Општина Куманово, но истиот никогаш не е потпишан со што се доведува во прашање неговата легитимност, беше истакнато на денешната седница на Советот на Општина Куманово.

Loading...

На крајот на расправата беа донесени три заклучоци со што водоснабдителните претрпијатија се обврзани да го решат проблемот со водоснабдување, а советниците да предложат во решавање на проблемот со водата да се вклучат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Министерството за животна средина.

На предлог на Градоначалникот беше изгласано да се побара ресорното министерство да биде гарант на договорот со кој ќе се регулира новата цена на водата.