И булеварот „Трета МУБ“ ќе се огради со столпчиња

Сподели со своите пријатели

Булеварот „Трета Македонска ударна бригада“ во Куманово наскоро ќе биде ограден со столпчиња кои ќе имаат за цел да ја спречат узурпацијата на јавните прометни површини од страна на несовесни граѓани кои истите ги користат за паркинг.

Loading...

По примерот на булеварот „Октомвриска револуција“ нови столпчиња Општина Куманово ќе постави долж вториот булевар, а за оваа тема вчера се дебатираше и на 28та седница на Советот, бидејќи поставувањето на пречките се предвидува со Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово за 2019 година.

Советникот од ГРОМ Зоран Петрушевски истакна дека столпчињата колку и да се корисни, на одредени луѓе им пречат, па затоа вели дека треба да се направи анализа со примерот од „Октомвриска револуција“, затоа што сепак има недостатоци.

– Тој недостаток е лоцираноста на големите канти за смет, сите заложби, оној тротоарски дел или за велосипеди да биде чист за употреба, но кантите за смет тука ја мешаат работата. Слична ќе биде состојбата и со „Трета МУБ“ во смисла на тоа, ако сега се донесе одлука, градоначалникот ќе донесе одлука и се поставуваат. Но, тука не е крај, колку и да е убаво, ние на ваков начин без некоја анализа, без некое искуство, а сега веќе го имаме, може на одредени правни лица да направиме штета, а средствата ги ставаме за две насоки, а други делови од градот ќе останат непокриени. Во таа смисла сакам да укажам дека купувањето на столпчиња за „Трета МУБ“ како таков да не постои, да го нема, ако може некој да го тргне за да добиеме време да направиме анализа на она што се случи на „Октомвриска револуција“, рече Петрушевски.

Како што посочи Петрушевски, проблем може да настане кај одредени фирми кои таму отвориле свои дуќани, па сега пристапот до нив е отежнат за нивните муштерии.

Според советникот Миле Андоновски, тој простор не е сопственост на приватни субјекти, туку на Општина Куманово, а тие го узурпирале.

– Ништо немаме против интересот на овие трговски друштва да се развиваат, јас би бил пресреќен во Куманово да има милионери, зошто да има и во други земји, нека инвестираат кај нас, без оглед на нивната етничка, верска или партиско-политичка припадност, но мора сите да сфатиме дека не може никој да гради иднина занемарувајќи го интересот на другите, или узурпурајќи го интересот без да ги праша другите. Јас сум сигурен, а и од она што гледам како фунционира булеварот кој веќе е заштитен, имаше определени незадоволства, и до мене се јавија, јас се обидов да им објаснам, но не ме разбраа. Имаат право и поаѓаат од личен интерес, тука нема грешка, затоа што луѓето се навикнати со години дека тоа е така, и штом е така мора да биде така, но не мора, рече Андоновски.

Програмата на крајот беше изгласана со 16 гласови „за“ и 5 „против“.

Loading...

Leave a Reply