Хелсиншки комитет: Шуга во кампот во Гевгелија, алармантно и во Куманово

Сподели со своите пријатели

Појава на шуга е забележана кај бегалците во кампот во Гевгелија, стои во неделниот извештај на Хелсиншкиот комитет кој апелира да се преземат итни мерки и координација меѓу надлежните иснтитуции за спречување за ширењето заразни болести во кампот, но и надвор од него.

„Одржувањето на хигиената во кампот станува алармантен проблем, имајќи го предвид големиот број на бегалци кои во кампот престојуваат подолго време. Тие често и самите ги чистат шаторите. Личната хигиена на бегалците е исто така отежната, во недостиг  на чисти алишта и можност за редовно бањање“, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

 Алармантна е состојбата и во кампот во Куманово. Таму, поради недостиг од бањи во текот на неделата на бегалците им се даваа крпи и пластични кофи со цел да можат да ги бањаат децата и да ги исперат свoите алишта, велат од Хелсиншки.

„Центарот за управување со кризи, заедно со невладините организации на терен се координираат за преземање на мерки за спречување на заразни болести, како што се дезинфекција, делење на шампони против вошки, отстранување на нечиста облека“, вели Хелсиншкиот комитет во извештајот во кој нотира и тоа дека во текот на неделата, од српската граница повторно биле вратени неколку групи, а неколку биле пропуштени, поради што бројката на бегалци во кампот постојано варира. Бегалците се сместуваат во сите објекти во кампот со цел сите да бидат згрижени“, стои во извештајот.

Во текот на оваа седмица биле издадени само 2.406 потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, што е за 46% помалку од минатонеделниот период, кога беа издаде 4.465 потврди. Ваквото намалување, како што вели Хелсиншки, се должи на воведувањето на построги проверки на грчко-македонската граница и редуцирано пропуштање на бегалците кои не поседуваат исправни документи. Симптоматично е што во овој период не е пропуштен ниту еден бегалец со авганистанско потекло, се додава во извештајот.

Во кампот биле донесени два нови контејнери кои ќе бидат наменети за регистрација на бегалците. Предвидено е да се донесат уште два, а во нив ќе има по четири шалтери за регистрација односно ќе функционираат 16 шалтери за регистрација.

„Во текот на неделата на терен е забележано зголемување на припадници на Посебната единица за поддршка при Министерството за внатрешни работи. Во кампот се присутни и припадници на Австриската полиција, покрај Чешката, Словачката, Унгарската и Српската полиција.Во два наврати во текот на неделата, околу 700 бегалци беа качени на возот и чекаа повеќе од 5 часа за да тргне возот (23 и 24.02.2016 година). Возот бил задржан поради големиот број на бегалци кои престојуваат во Табановце и потреба за нивна организација за да бидат пропуштени наредните групи. Притоа, во возот чекале преголем број на бегалци без можност да излезат надвор. Едниот воз на 24.02.2016 година, бил вратен назад во Гевгелија, бегалците се симнале во кампот, а останале таму повеќе од 4 дена. Во наредните денови, дојдоа уште 150 бегалци, со што во кампот имаше 900 луѓе“, е забележано во извештајот во кој  Хелсиншкиот комитет.

Се бара подобра координација од страна на македонски железници и надлежните институции во камповите, со цел да се избегне предолгото, непотребно чекање во возот и да се поштедат бегалците од предолг престој на лошите услови во возот.