Хакери објавија податоци на болница во близина на Париз

Сподели со своите пријатели

Хакерите кои во август бараа откуп од неколку милиони долари од болница на периферијата на Париз, што здравствената установа го одби, денеска ги извршија заканите и ги обелоденија украдените здравствени податоци.

Loading...

„Силно го осудувам објавувањето на хакирани податоци од болничкиот центар Корбеј-Есон“ во јужната периферија на Париз, напиша францускиот министер за здравство Франсоа Браун на Твитер.

„Нема да попуштиме пред таквите криминалци. Мобилизирани се сите државни служби“, додаде францускиот министер.

Болницата обезбедува здравствена заштита за речиси 700.000 жители, а откривањето здравствени информации претставува ризик од уцена или изнуда.

Управата на болницата соопшти дека податоците се префрлени на даркнет, што не е видливо на обичните прелистувачи, а податоците се однесуваат на пациенти, персонал и партнери.

Беа обелоденети податоци вклучувајќи броеви за социјално осигурување, како и извештаи од лекарски преглед и овластувања за психијатриско лекување.

Интернет експертите сметаат дека сега постои ризик хакерите да извршат нови насочени напади, користејќи ги личните податоци со кои располагаат за уценување и изнудување пари.

Хакерите го извршија нападот на 21 август и поставија ултиматум за откуп од неколку милиони долари до 23 септември.

Loading...

Францускиот закон инаку им забранува на јавните институции да плаќаат откуп.