Гутереш стравува дека на светот му се заканува ширење на војната од Украина

Сподели со своите пријатели

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди дека светот постепено се соочува со предизвици со кои денешните генерации сѐ уште не се соочиле и изрази страв од ширење на војната како што се приближува годишнината од руската инвазија на Украина.

Loading...

Гутереш на Генералното собрание на ОН рече дека експертите кои ја процениле состојбата на светот во 2023 година, го поставиле часовникот на Судниот ден на 90 секунди до полноќ, што е најблиску досега до „тотална глобална катастрофа“.

Тој укажа на војната во Украина, „немилосрдната климатска катастрофа“, растечката нуклеарна закана, зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните и „епските геополитички поделби“ кои ја поткопуваат „глобалната солидарност и доверба“.

Во долгото обраќање, Гутереш ги повика 193-те членки на ОН да го променат своето гледиште за донесување одлуки од краткорочно размислување, кое тој го нарече „неодговорно“ и „неморално“, да гледаат што ќе се случи утре и да дејствуваат веднаш.

Тој рече дека годинава се навршуваат 75 години од Универзалната декларација за човекови права и дека таа треба да биде потсетување дека темелите на неотуѓивите права на сите луѓе се „слободата, правдата и мирот“.

Гутереш рече дека промената што е потребна денеска мора да започне со мир, почнувајќи од Украина, каде, како што рече, перспективите за мир постојано се намалуваат, а се зголемуваат шансите за натамошна ескалација и крвопролевање.

„Се плашам дека светот не месечари кон поширока војна, туку тоа го прави со широко отворени очи“, рече Гутереш.

Според него, светот мора да работи повеќе на мирот, не само во Украина, туку и во повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт, во Авганистан и регионот Сахел во Африка, а потребни се и зголемени мировни напори во Мјанмар и Хаити.

Loading...

Генералниот секретар на ОН рече дека е време сите земји повторно да се обврзат кон Повелбата на ОН, која повикува на мирно решавање на споровите, нов фокус на спречување конфликти и помирување.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.