Груевски: Рапидно зголемениот број мигранти доведе до прогласување кризна состојба

Сподели со своите пријатели

Откако завчера Владата донесе привремени мерки за справување со мигрантската криза и прогласување кризна состојба на границите, денес со изјава излезе и Премиерот Никола Груевски кој оцени дека мерките се донесени со цел обезбедување поефикасен транзит низ државата.

Loading...

„Македонија е транзитен коридор и исклучително е важно како ние ќе се справиме со овој предизвик. Кога го донесовме законот со кој на мигрантите им дадовме одредени можности, тогаш имаше дневно 500 до 600 мигранти, а по оваа бројката порасна на 800-900, па на илјада, па на 2.000 просечно дневно и сега веќе над 2.500. Во наредниот период се очекува да порасне и три-четири илјади“, рече Груевски.

Поминувањето и транзитирањето на мигрантите низ Македонија создава проблеми за самите нив, безбедносни и други проблеми од хуман карактер, вели Груевски.

„Оценивме дека е потребно Владата да преземе одредени привремени регулациски инструменти, со кои прво ќе им излезе во пресрет на мигрантите за тие да имаат хуман транспорт низ земјава. Мора да биде повеќе контролиран нивниот влез и бројот на луѓе кои влегуваат за да може да им се пружи потребната помош. На таков голем број мигранти, државата нема капацитет да им пружи помош“, рече Груевски.

Според премиерот, одлуката се однесува само на пограничниот дел, каде што поминуваат мигрантите.

Тука војската ќе треба да и’ помогне на полицијата за регулирањето на влезот, со цел да нема неконтролирано влегување. „Пред се’, заради безбедноста и хуманиот пристап кон самите мигранти, но и безбедноста и проблемите што се создаваат кај локалното население и трето, капацитетите на државата да ги прифати и да им помогне на тие луѓе кои ги снашла голема несреќа во животот да мораат на ваков начин да се снаоѓаат“, истакна премиерот.