Грчки медиуми: „Бомба“ од Заев – за идентитетот не се преговара

Сподели со своите пријатели

Оптимизмот од македонскиот премиер за решение на името до јули и изјавата дека идентитетот не е една од седумте точки за кои што се преговара, не останаа незабележани од грчките медиуми. „Бомба од Заев“ и „Заев откри дека за идентитетот не се преговара“, се главните коментари во текстовите на новинарите во Грција, по интервјуто на македонскиот премиер за австриското радио ОРФ, јави дописникот на МИА од Атина.

– Ако Грција, навистина не го покренува прашањето со државјанството, тогаш веројатно преговорите се понапреднати од тоа што се проценуваше и имаат за цел изнаоѓање заемно прифатливо име. Во сценаријата што се слушаат е географската одредница, најверојатно „Горна Македонија“,  пишува „Та неа“.

Информативниот портал „Њузпост“, коментира дека и покрај оптимизмот од Заев за решение до јули, сепак, од средбите на Никос Коѕијас и Никола Димитров, уште не излегол „бел чад“.

– Се чини дека „Горна Македонија“ е името што преовладува, но албанската заедница во ПЈРМ изразува резервираност во однос на употребата на словенска одредница. Од МНР, продолжуваат да не ги отвораат картите, наведувајќи дека разговорите за името се во тек. Кратенките и акронимите се поврзуваат со прашањето за Уставот, додека пак прашањето за трговската употреба се чини дека е едно од оние прашања што се решени, пишува информативниот портал „Њузпост“, анализирајќи кои се трите точките за кои премиерот Заев рече дека се отстранети.

Во однос на барањата на Атина за промена на Уставот, се наведува дека според последните информации, проценките се дека „Гордиевиот јазол би можел да се пресече со меѓународна спогодба, ратификувана од Советот за безбедност на ОН, која од моментот кога ќе се потпише, на ниво на меѓународен правен поредок, ја надминува силата на уставниот поредок на било која земја“.

Ова сценарио, јавува дописникот на МИА од Атина, веќе извесен период го споменуваат грчките медиуми, како можна варијанта за надминување на различните позиции на двете земји во однос на евентуалната промена на Уставот.

Грчките новинари, во нивните текстови, особено ги потенцираат средбите на претседателот Ѓорге Иванов во Анкара и на премиерот Зоран Заев во Берлин.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ коментира дека со официјално најавената средба Меркел – Заев, веќе не постои сомнеж дека Берлин е дел од силните западни играчи кои не само што посакуваат решение, туку и притискаат во таа насока./МИА

Leave a Reply