Голманката на ЖРК Куманово во последен момент отстранета од репрезентацијата

Сподели со своите пријатели

Наместо во Словенија на Европското првенство во ракомет, голманката на ЖРК Куманово, Ивана Дичковиќ остана во Македонија. Таквата одлука од федерацијата и ја соопштиле вечерта пред патувањето, како што велат од Управата, без никакво образложение.

Дичковиќ заедно со уште три ракометарки на Куманово беше повикана на селективните тренери, но за неа немаше место под капата на селекторот Борче Марковски.

Во последен момент ми јавија дека сум отстранета од репрезентацијата од непознати причини кои мене и ден денес не ми се јасни. Тоа секако демотивира малку, но за мене претставува отскочна даска за сезоната што следува и се надевам дека ќе се докажам во сезоната што следи, бидејќи мислам дека можам многу да постигнам. На мое место дојдоа други голманки и не знам се уште, ќе видиме кое е нивното објаснување – изјави Ивана Дичковиќ, ракометарка на ЖРК Куманово.

Според тренерот Ивановски ова е катастрофална и намерна грешка, затоа што на местото на голманка која во Супер лигата имала по минимум 15 одбрани, на Европско првенство е испратена голманка која тренира фудбал.

Останатите три голманки кои се заминати и сега гледаме како ја ругаат и земјата и ракометот во Македонија немаат настапувано по две и повеќе години, за двете голманки сум сигурен, едната од нив дури и тренира фудбал и игра фудбал, нема никаков допир со ракометот. Кој го направил и зошто го направил тоа, ќе чекаме да дојдат од Словенија и ќе побараме записници и ќе излеземе јавно со записниците да видат љубителите на ракометот во нашиот град и државата за да видат дека ракометарки кои што не се активни во спортот по две и повеќе години застануваат на гол на младинската репрезентација, а ние имаме голманка која брани во Супер лига во сениорска конкуренција која е исфрлена на ден пред поаѓање – вели Ивановски.

И покрај ваквата одлука која е разочарувачка и демотивирачка, дел од кадетките на ЖРК Куманово од денеска ќе бидат дел од македонската репрезентација кои утре играат со Грција, а потоа со Швајцарија, Фарските Острови и Полска.

Се надеваме дека ќе успеат да го освојат најмалку петото место бидејќи се две групи и да се пласнираат на А Европското првенство кое се одржува во јануари во Франција.

Клубот наскоро ќе замине и на подготовки во Крушево, а како што вели Филип Додевски од Управата на ЖРК Куманово, иако е потребно мало засилување на екипата, сепак напори се правени да се задржи составот од минатата сезона. Но, во пресрет на промена на локалната власт имаат порака и до идниот градоначалник.

Очекуваме идниот градоначалник повеќе да води грижа и респект за домашните спортисти и спортистки воопшто, односно за локалните спортистки, па се надевам дека повеќе ќе добијат сите клубови, не само кошаркарскиот клуб, туку дека ќе бидат средствата дисперзирани до сите клубови кои го претставуваат нашиот клуб во рамките на државата – вели Додевски.

Тренинзите на ЖРК Куманово започнуваат на 7ми август и истите ќе бидат напорни со оглед дека на 15ти септември започнува новата сезона во домашното првенство.