Голема количина дрога откриена во возило на македонската полиција при обид за влез во Црна Гора

Сподели со своите пријатели

Десетици килограми дрога се пронајдени во возилото на македонското Министерство за внатрешни работи, кое се обидело да влезе во Црна Гора, пишува српски РТС, повикувајќи се на македонските медиуми.

Loading...

Тие наведуваат и дека во возилото биле високи службеници на Министерството.

Дрогата била пронајдена во возило кое припаѓало на Секторот за организиран криминал при македонското МВР.

Црногорските цариници запреле возило што влегувало во земјата, кое претходно без проблем ја минало албанската граница и откриле голема количина наркотици.

Повикувајќи се на неофицијални извори од црногорската полиција, македонските медиуми јавуваат дека во возилото биле високи функционери на Министерството за внатрешни работи.

Нивниот идентитет не е откриен, а не е познато ниту дали се уапсени или депортирани.

Како што јавува Телма, повикувајќи се на соопштение на македонската полиција, двајца вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за патувањето во Црна Гора задолжиле службено возило од автопаркот на министерството. Возилото било предадено во нивно владение од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, откако претходно Царинската управа во 2016 година го запленила во акција за сузбивање на трговија со дрога.

Управата за приходи и царина на Црна Гора во своето соопштение потврди дека во патничко моторно возило со македонска регистрација пронашла поголема количина на растителна супстанца за која постои сомневање дека е наркотик, но не го наведоа идентитетот на лицата кои биле во возилото.

Loading...

„Возилото со регистарски таблички на Република Северна Македонија се движело од правец на Албанија кон Црна Гора, а супстанцијата, спакувана во неколку индивидуални пакувања, била пронајдена во скриен бункер на возилото“, се вели во официјалното соопштение.

Тие наведоа дека, согласно протоколот за билатерална соработка, надлежните органи на Република Албанија ќе спроведат понатамошна постапка за утврдување на составот на пронајдената супстанција и нејзиното потекло, како и обработка на случајот.

Вредноста на запленетата дрога на пазарот на мало изнесува стотици илјади евра, јавуваат македонските медиуми.