Голем шумски пожар во кривопаланечко

Сподели со своите пријатели

Голем пожар зафати шумска површина во кривопаланечкото село Баштево, пожарот е активен веќе трет ден, на терен се околу триесетина лица кои активно го гасат, информираат од Регионален центар за управување со кризи, Куманово.

Оттаму потенцираат дека на телефонскиот број 195 од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка добиле известување дека во село Баштево, општина Крива Паланка пожарот е повторно активен од пет часот утринава.

Екипите ТППЕ Крива Паланка во текот на вчерашниот ден учестувале во гасење на пожарот со седум пожарникари и три возила, ТППЕ Ранковце со четворица пожарникари и едно противпожарно возило, Јавно претпријатие Македонски шуми, Подрачно шумско стопанство „Осогово“ Крива Паланка, со десетмина вработени и две теренски возила, а биле вклучени и вработени од локална самоуправа на општина Крива Паланка, пет лица, како и четворица вработени од Дирекција за заштита и спасување од градот.

– Од ТППЕ Крива Паланка во 21:30 часот синоќа не известија дека екипите се вратиле од терен и дека пожарот е се уште активен и се проширува на сите страни. Синоќа сите кои учествуваа во гасењето се вратиле, имало силен ветер и не биле во можност да го локализираат пожарот. Податоците се добиени од одговорно лице од ТППЕ кое се вратило од самото опожарено место, додаваат од Регионалниот центар за управување со кризи.

Според информации до ТППЕ Крива Паланка екипите на терен биле до 19:30 часот, а кон гасењето е пристапено повторно од рано изутрина со над триесет лица. Поради силниот ветар огнот зафатил голема шумска површина и се проширил и на атарот на селата Огут и Метежево.

Во 11 часот претпладнево во ТППЕ Крива Паланка е примена уште една дојава, за втор пожар во општината, во село Осиче.

Извор: МИА