Годинава 122 загинати во 7.330 сообраќајки во Македонија

Сподели со своите пријатели

Поради непочитување на правилата за ограничување на брзината и за држење страна и правец на движење, во Македонија од јануари до ноември оваа година се случиле вкупно 7.330 сообраќајни незгоди. Од нив, 3.694 се со потешки последици. Загинале 122 лица, а со материјална штета се 3.636, покажуваат индикаторите на Републичкиот сојуз за безбедност на сообраќајот (РСБСП) распоредени во седум области на делување во согласност со препораките на Европскиот совет за безбедност на сообраќајот.

Според нив, 81 проценти од возачите во Пехчево користат сигурносен појас, додека пак 91,3 отсто штипјани не го користат сигурносниот појас. Во Лозово 70,6 проценти од возачите на мопеди користат заштитна кацига, а 93,7 проценти во Василево не ја користат.

Индикаторот што се однесува на пешаците покажува дека во Штип 94,1 процент од возачите застанеле пред пешачки премин да пропуштат пешак, додека пак во Ресен 77,4 отсто не застанале. Во скопски Карпош 86,5 отсто од пешаците поминале на пешачки премин, а во Василево се поминувало надвор од пешачките ознаки.

Податоците на РСБСП кои се однесуваат на бројот на возачи кои управуваат нерегистрирани возила покажуваат дека во Пехчево се регистрирани 100 проценти од автомобилите, а Прилеп предничи со 26 отсто нерегистрирани возила.

Кратовци обожуваат да стиснат на педалата за гас и 7,6 проценти од нив ја пречекориле дозволената брзина над 50 километри на час, додека пак во Кичево 78,4 отсто од возачите возат со дозволена брзина.

Индикаторите за безбедност на сообраќајот претставуваат меѓуизлезни резултати на спроведените мерки за безбедност на сообраќајот. Затоа се прават напори да се воспостави современ начин на следење и оценување на состојбата на безбедноста на сообраќајот кое ќе ги отстрани недостатоците на традиционалниот пристап. Следењето на примена на индикатори за безбедноста на сообраќајот е еден од современите пристапи коишто најмногу ветуваат.

РСБСП ја оцени оваа година како успешна во однос на активностите кои ги преземаат, а за тоа, како што рекоа, покажуваат и податоците во кои се наведува дека е намален бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица во однос на претходната година.

Извор: МИА

Loading...