Генералисимус на спикер

Сподели со своите пријатели

Кога ќе се повлече водата, кога ќе се тргнат сите видливи последици од поплавата, остануваат оние невидливите, полоши од сите несреќи. Тоа се сите оние одговорни за хаос, паника, бавни и лоши реакции на новонастанатата ситуација. Времето на опоравување и обновувањето, како тоа денес популарно се вика во круговите на државната власт допрва следи, но се е поголем стравот дека тоа нема кој да го заврши. Жртвите на поплавените места допрва влегуваат во нов круг на потешкотии, а тешко некој да им излезе во пресрет и да ги реши нивните проблеми.

Зошто е тоа така? Пред се затоа што прашање на одговорност кај нас е голема непозната, тема која се отвара, но никогаш не се затвара. Затоа што секогаш се занимаваме со последиците, а никогаш со причините. И на крај затоа што на одговорни места се поставува неписмена партиска багра од разноразни “СМОКИ-ФАКУЛТЕТИ”.

На самиот врв на пирамидата се наоѓа бившиот ни премиер, овие денови во обид да стане генералисимус, кој шета овие денови со панцир и пред камери зборува на телефон. Толку е напишано за човекот што навистина не би сакал да го трошам вашето време за него. За човекот мислам исто што и пред да се случи ова – тој се игра со оваа држава како дете со играчка која не му се допаѓа.

Граѓаните во недостиг на информација, паника, страв, неизвесност, нелогичност одат предалеку во сомнежите. Не е опасно кога тоа го прават граѓаните, особено не во најтешките моменти, проблемот е што знаеме дека во носењето одлуки во Македонија на највисоко ниво учествуваат и гатачки. Некој мора, ама мора, да го праша Груевски дали поплавава била спомената на последната сеанса.

Граѓаните на Македонија не се судии, ги немаат сите информации, не знаат дали нешто можело да се спречи или не. Меѓутоа државните функционери кои се шетаат по поплавените подрачја мораат да знаат дека со преземање на функции со нив доаѓа и преиспитување на одговорност, заслуга и вина.

Другиот бран доаѓа и не е од вода. Многу во поплавите ги сочуваа своите глави, но останаа без своите покриви над глава и средства за “гол” живот. Жртвите ќе ги бараат решенијата. Ќе знае ли некој во оваа држава да знае како да се снајде во таа несреќа која нема да исчезне со повлекување на водата?

Тешко. Затоа што кај нас се е во рацете на аматери желни за власт, на кои никој им нема објаснето дека со неа оди и одговорност. Затоа што и пред поплавите сите знаевме дека неписмени опортунисти ги држат полугите на власта. На таквите им дозволивме да управуваат со нашата држава. Граѓаните мора да преземат од одговорноста затоа што не мораше толку непотребно да загубиме толку многу луѓе. Знаци дека луѓето кои ги извршуваат највисоките функции се скандалозно неспособни за тоа, има од поодамна.

Во општ хаос, настанат од поплавите институциите демонстрираа немоќ, паника и неосетливост спрема жртвите. Тоа првиот и вториот ден. Третиот почнаа и да ги тепаат незадоволните. Замислете каква ќе биде нивната реакција за помош на жртвите која допрва треба да следи.

Затоа мора да се бара одговорност. Кривична, политичка и пред се морална.

Пишува: Емил Ташевски