Филипче: Зголемен бројот на случаи на семејно насилство, се зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите

Сподели со своите пријатели

Оваа криза не само што ни дава еден таков предизвик за третман на пациентите со Ковид-19, дава и некои други специфики, кои се повеќе и повеќе излегуваат на виделина. Имено, очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото нè учи, а тоа е заедништвото, и изолацијата за време на долгите карантини, според резултатите од Клиниката за психијатрија, резултираа со зголемен број случаи на семејно насилство.

Loading...

Ова денеска по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, го истакна министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека на Клиниката за психијатрија секојдневно се регистрираат случаи на семејно насилство, а нејзината онлајн амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од од март кога почна кризата.

– Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство, потенцираше Филипче и додаде дека некаде околу 30 отсто е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година. И претходно, пред Ковид-19 кризата во инклузивен процес, во соработка со сите институции и сите граѓанските организации се отворија три центри за третман на жртви на насилство во гинеколошко-акушерската клиника, во болницата во Тетово и болницата во Куманово. Тоа се центри што се целосно опремени од медицински аспект. Работат тимови од гинеколози, психолози, социјални работници, кои се на повик 24 часа и експерти од областа на судската медицина. Еден од најголемите предизвици со кои здравствените работници се соочуваат е жените кои се јавуваат на преглед практично да го признаат тоа, рече Филипче.

Според него, треба многу вештина во пристапот, во разговорот, во отвореноста, затоа што во огромен број случаи сè уште за жал постои страв.

– Ова е процес што планираме да го продолжиме. Оваа криза одложи проекти, планови, меѓутоа секако планираме такви центри да има посебно во големите болници ширум државата. Жените знаат каде може да се обратат, сигурни се дека може да добијат соодветна стручна помош, а ние сите заедно да работиме на подигнување на свеста, заедно институциите, медиумите, граѓанските организации се со цел вакви случаи да има се помалку, додаде Филипче.

Рената Пепељугоска

Leave a Reply