Фактор: ФЗЦ со загуба од 21 милиони евра

Сподели со своите пријатели

Фабриката за цевки „11 Октомври“ од Куманово, минатата година ја завршила со нето загуба од 21 милиони евра, стои во финансискиот извештај објавен на Македонската берза. Загубата е драстично зголемена во однос на 2014 година, кога изнесувала 4,1 милиони евра, пишува порталот Фактор.мк.

Приходите на компанијата минатата година се намалиле за 9% споредно со приходите од 2014 година. Но, драстично се зголемени расходите. Односно, лани ФЗЦ „11 Октомври“ имала расходи од 29 милиони евра, додека пак во 2014 година расходите на компанијата биле 8,3 милиони евра.

Оваа кумановска фабрика за цевки, од минатата година е во доминантна сопственост на компанијата „Квалитет Пром“. Промената на сопственоста се случи речиси паралено со најавата дека фабриката ќе биде вклучена во милионскиот бизнис со гасоводната делница во Клечовце.

Каранфиловски преку„Квалитет Пром“, станува мнозински сопственик во „ФЗЦ 11 Октомври“, откако ги купи акциите што во фабрика за цевки ги поседуваше банката „Експорт -Импорт“, која е во стечај.

Продажбата на мнозинскиот пакет акции се случува во време, кога стартуваше и изградбата на гасоводот во Клечовце во кој се вклучува и „ФЗЦ 11-ти Октомври“. Стечајниот управник на „Експорт-Импорт“ Банката, уште лани за медиумите појасни дека акциите не можеле да се продадат порано затоа што за нив се водела судска постапка, а откако судовите одлучиле дека мнозинскиот пакет акции во „ФЗЦ 11-ти Октомври“ припаѓаат на „Експорт Импорт“ банката се реализирала и нивната продажба, а со тоа чиста коинциденција е што фабриката се продава токму во време кога старува и изградбата на гасоводот во Клечовце.

За да се продадат акциите што „Експорт Импорт“ банката ги имала во „ФЗЦ 11-ти Октомври“, имало две јавни наддавања. Првото наддвање е неуспешно, а акциите се продаваат на второто наддвање кога ги купува „Квалитет Пром“.

На првото јавно наддавање, Одброт на доверители акциите ги продавал по цена од 3.100 денари. Имало неколку заинтерсирани фирми и сите понудиле пониска цена од таа што се барала во огласот.

При тоа, фирмата на Каранфиловски „Квалитет Пром“ понудила 500 денари по акција, а тоа било и највисоката понуда во однос на останатите понуди.

Со оглед дека не била постигната бараната цена на огласот, донесена е одлука, да има ново јавно наддавање на кое минималната почетна цена ќе биде највисоката добиена понуда од првото јавно наддавање.

Или тоа значи дека на второто јавно наддавање почетната цена е 500 денари односно понудата што ја доставиле „Квалитет Пром“ на првото јавно наддавање.

Но, на ова второ јавно наддавање само „Квалитет Пром“ ги исполнува условите за учество, а додека останатите заинтерирани се дисквалификувани.

Со тоа на второто јавно наддавање учествува само „Квалитет Пром“, и акциите ги купува по цена од 550 денари.

На овој начин, „Квалитет Пром“ на Кранфиловски станува сопственик на мнозинскиот пакет акции во „ФЗЦ“ за 2 милиони евра. Веднаш потоа новите газди најавија дека сакаат да го докупат и останатиот дел од акциите и со тоа да ја имаат целата фабрика во свои раце. За таа постапка чекаат одобрување од надлежните институции, пишува Фактор.