ЕУ: На изборите да се потврди посветеноста на демократските вредности

Сподели со своите пријатели

Локалните избори на 15 и 29 октомври се можност за граѓаните да ги изразат своите гледишта за правецот во кој нивните општини треба да се движат во иднина. ЕУ ги охрабрува политичките лидери, нивните партии, како и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото, се наведува во заедничката изјава на Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите-членки на ЕУ во Македонија во пресрет на локалните избори.

– Ги повикуваме политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство. Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности и ресурси пред, за време на, и по изборите. Ги повикуваме медиумите да им обезбедат на граѓаните разновидно и објективно информирање кое им е потребно за да донесат информирана одлука на денот на изборите. Ја подвлекуваме важноста од меѓународни наблудувачи на изборите, особено на ОБСЕ/ОДИХР. Секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини, се посочува во заедничката изјава на Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите-членки на ЕУ во Скопје.

Извор: МИА

Loading...