Европската унија и Велика Британија постигнаа привремен договор за одбрана и безбедност, рибарство и мобилност на младите пред самитот ЕУ-Велика Британија во понеделник, отворајќи го патот за учество на британските компании во големи европски договори за одбрана, соопштија претставници на ЕУ.
Претставниците на европските влади во Брисел добија текст за заедничките ставови на Велика Британија и ЕУ, а документот сега треба да биде одобрен од сите 27 влади на земјите-членки на Унијата, соопштија официјални лица.
Британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе се сретнат во Лондон подоцна во понеделник.
„Колку што јас разбирам, сите земји-членки се задоволни од она што е на маса пред почетокот на самитот“, рече еден европски дипломат, кој сакаше да остане анонимен, пренесува Хина.
„Во моментов, писмената постапка е во тек со цел официјално прифаќање од сите земји-членки, но ова не би требало да претставува тешкотија“, додаде тој.
Ресетирање на врската
Обединетото Кралство е подготвено за најзначајното ресетирање на односите со Европската Унија откако го напушти блокот и бара поблиска трговска и одбранбена соработка за да го поттикне економскиот раст и да ја зајакне безбедноста на континентот.
„Со позитивните знаци што доаѓаат од преговарачите во Лондон во изминатите денови и часови, сè е подготвено за многу успешно и конструктивно ресетирање на тие односи, од кое ќе имаат корист и ЕУ и Велика Британија“, рече дипломатот.