Ердоган: Нема да ја пуштиме Шведска во НАТО, но би можеле Финска

Сподели со своите пријатели

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата навести дека Турција може да ја одобри кандидатурата на Финска за членство во НАТО, но не и за Шведска.

Loading...

„Доколку е потребно, можеме да испратиме поинаква порака во врска со Финска. Шведска ќе биде во неверување кога ќе испратиме поинаква порака за Финска“, рече турскиот претседател одговарајќи на прашање за кандидатурата на двете нордиски земји за членство во НАТО, на средбата со младите на телевизија.

Така, Анкара за прв пат стави до знаење дека е подготвена да разговара за кандидатурата на Финска одвоено од онаа на Шведска.

Турција до понатамошно известување ја одложи трилатералната средба со Шведска и Финска закажана за февруари, по протестот викендов во Стокхолм во кој беше запален Куранот, што Анкара го осуди.

„Тие нѐ исмеваа“

Ердоган во понеделникот објави дека Шведска не може да смета на поддршката на Турција за влез во НАТО, откако екстремно десничарскиот политичар запали копија од Куранот во Стокхолм.

Без да го спомене инцидентот, турскиот претседател ги повтори своите приговори за Шведска во врска со барањата на Турција за екстрадиција.

„Им рековме: „Ако сакате да влезете во НАТО, мора да ни ги предадете тие терористи“. Им дадовме список со имиња на 120 луѓе. Но, тие нѐ исмеваа велејќи дека го смениле Уставот“, рече тој.

Анкара и неколку други престолнини на муслиманскиот свет протестираа остро откако антиисламската екстремна десница запали Куран во близина на турската амбасада во Шведска минатата недела.

Loading...

Стокхолм изрази жалење за тој „крајно непристоен“ чин и изрази „солидарност“ со муслиманите, посочувајќи дека шведскиот Устав забранува такви постапки, што не го смирува турскиот гнев.

Анкара бара Шведска да екстрадира голем број луѓе

Шведска и соседна Финска аплицираа за членство во НАТО минатиот мај по руската инвазија на Украина.

Сите 30 членки на НАТО мора да го ратификуваат членството на Шведска во НАТО, а тоа досега го немаат направено само Турција и Унгарија.

Турција ја обвинува Шведска дека ги поддржува групите кои ги смета за терористички – Курдистанската работничка партија и организацијата на Фетула Ѓулен, која ја смета за одговорна за неуспешниот воен удар во 2016 година.

Анкара бара Шведска да екстрадира голем број луѓе.

Тензиите меѓу Стокхолм и Анкара особено се зголемија две недели по протестот на кој кукла со ликот на Ердоган беше обесена за нејзините нозе во Стокхолм.