Елитна единица на словенечката војска не ги задоволила стандардите на НАТО

Сподели со своите пријатели

Поради неуспешната вежба на елитниот баталјон на словенечката војска при оспособување согласно НАТО стандардите, дошло до кавга меѓу министерката за одбрана Андреја Катиќ и началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Словенија, објави денеска телевизијата ПОП-ТВ.

Во прилогот се поставува и прашањето дали словенечките војници се подготвени за учество во мировните операции во светот.

За ПОП-ТВ и министерката Катиќ потврди дека има проблеми во комуникацијата со Генералштабот и со одделни генерали. Таа наведе дека од медиумите дознала детали за резултатите од проверката на борбената подготвеност за копнените сили во рамките на НАТО курсот ЦРЕВАЛ и дека за лошите резултати не била информирана правовремено. Од тие причини, таа изрази огорченост и загриженост.

Околу 800 избрани најдобри словенечки војници, во текот на минатата недела требало да изведат вежба со која ќе се оценат нивните капацитети и способност, но се покажало дека Словенија до 1 април нема да биде подготвена да го оспособи тој број војници за вистински да бидат подготвени за оперативно дејствување, тврди словенечката телевизија.

– Она што сојузниците го видоа на вежбалиштето „Почек“ повеќе потсетуваше на првоаприлска шега. Војниците според ЦРЕВАЛ методата не знаеле да маневрираат во простор, опремата обезбедена од Министерството за одбрана се покажала како лоша, со чизми на кои им отпаѓаа ѓоновите, а повеќе војници поради смрзнатини мораа да побараат помош од санитетската служба и лекарите, наведува ПОП-ТВ.

– Се покажа дека нема никаква можност Словенија до 2022 година навистина да формира борбено подготвена батаљонска единица со вооружување и нови оклопни возила за кои дури сега се расправа, а за состојбата меѓусебно се обвинуваат министерката и Генералштабот, тврди словенечката телевизија.

Според ПОП-ТВ, тврди сите овие проблеми, би можело да биде доведено во прашање и идното учество на словенечката војска во мировните операции./МИА

Leave a Reply