„Драма изгубена во времето“ утре пред кумановската публика (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Претставата „Драма изгубена во времето“, утре со почеток во 20 часот ќе биде одиграна на сцената на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Loading...

Станува збор за претстава од С. Насев, а по мотиви на „Темносино, речиси црно“ од Танасис Валтинос. „Драма изгубена во времето“ ќе им биде посветена исклучиво на лекарите и сите медицински работници кои беа на браникот на јавното здравје во периодот на пандемијата.

Режисер на претставата е Владлен Александров кој вели дека ова е претстава за животот, за луѓето во салата и уметниците и актерите. Ова е, вели тој, сериозна претстава, за сериозна публика, во несериозно време.

– За целиот тој апсурден живот што го живееме, не само во последните години, туку апсурдно стана денешното време во кое сме, ова не е политички спектакл, ова е психолошка претстава и спектакл за нашите мисли, чувства, гледање на светот во кој живееме, вели Александров.

Во претставата играат Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ и актерка гостинка во видео Александра Пешевска.

За актерите, најубаво место е сцената, вели Горан Илиќ, кој додава дека во периодот на пандемија креативноста која треба да биде на сцената остана дома.

– Тоа не е театар. Имавме некакви си видео презентации, но театарот се верификува само во однос на гледачот, кога имате пред себе гледач да го чувствувате дишењето, воздишките, аплаузите и само дури тогаш театарот ја има својата вистинска функција. Имам уште малку до пензија и многу ми е важно да отидам од театарот, тој работен век да го завршам со апалузи, а не со скапани домати и јајца или да ме исвиркува публиката, важно е да се работат добри и паметни текстови и мислам дека ова претстава тоа ќе го понуди, вели Илиќ.

 

Loading...

 

За неговата сопруга и колешка, Кети Дончевска Илиќ, е задоволстов што основата на оваа претстава е актерот и актерството.

– Актерот и актерството во смисла на тоа што ние актерите можеме да покажеме на сцена, но и како тематика. Многу често во животот се соочуваме ние актерите со мислата од останатите граѓани дека нашата професија е многу едноставна и дека ќе го научиме текстот, таму некои движење, ќе ја забавуваме публиката, но овој текст и оваа претстава повеќе докажува дека актерството е многу комплексна професија и дека ние актерите како и секој обичен граѓанин се наоѓаме многу често во неповолни ситуации од нашиот живот, меѓутоа сме ставени во ситуација да тие ги ставаме настрана, на сметка на тоа дека во одреден момент треба да се појавиме на сцена, вели Дончевска Илиќ.

Ова се теми кои не опкружуваат сите нас и тоа е сублимирано во оваа драма, вели драматургот Симона Тоскиќ, која додава дека ова се теми за животот и смртта, човекот како единка, уметник и актер во сооднос со љубов.

– Со дозвола на авторот решивме да извршиме некоја интервенција на текстот, која мислам дека беше многу оправдана, споивме она што ни е на нас потребно на сцената и она што е дидаскалија со една огромна умежност на режисерот Александров, беше многу во полза на актерите. Беше голем предизвик да се работи овој текст, затоа што сам по себе носи една тежина и една модерна тема, модерен начин на спремање на претстава, изјави Тоскиќ.

Костимографот Кети Пауновска Стевковска вели дека низа костими ќе бидат сменети на сцената, а актерите тоа вешто ќе го доловат.

– Самите промени ќе се случуваат на сцената и со самите костими ќе се доловуваат сите тие нивни промени кои ги носат ликовите, нивната внатрешна борба, емоцијата, сите препреки и промени кои ги доживуваат, се надевам дека сето тоа успешно го сраотевме преку костимите, сепак на крајот публиката го има главниот збор, вели таа.

Loading...

 

 

Танцовите движења само го надополнија и збогатија она што се случува во самата драма, вели кореографот Тања Китановска Стојковска.

– Во самата драма внесовме нежен англиски валцер, потоа се појавуваат моменти на танго, се појавуваат моменти на фламенго со карактеристики од пасодоблето. Секој еден од овие танци се различни со своите карактеристики и глумците вешто тоа успеаа да го совладаат и се надевам тоа успешно ќе го пренесат и врз публиката, вели Китановска Стојковска.

Сценографот Крсто Богојевски, вели дека ќе се истакне целата внатрешност на самите ликови, сцена и живот.

– Пробавме заедно со режисерот да ја истакнеме целата таа внатрешност на самите ликови, на самата сцена, тие чувства кои се случуваат во сите нас, која што генерално навидум едноставно ја носи целата сложеност на нашето постоење проткаена со некои детали коишто изненадуваат, за сето останато ќе оставиме публиката да види, вели тој.

Претставата ќе се одигра на сцената во Центарот за култура, додека трае реконструкцијата на кумановскиот театар. Можноста утре да ја погледнат ќе имаат медицинските работници, а капацитетот на салата ќе биде исполнет согласно моментално актуелните протоколи за заштита од ширење на коронавирусот.

Loading...

Никола Ивановски

Leave a Reply