„Див Запад“ во образовните институции во САД

Сподели со своите пријатели

Во САД продолжуваат убиствата на деца и ученици од рацете на други деца и ученици. Дали ова е доволна прична да се каже дека американското општество е болно?

Во земја каде десетици милиони луѓе немаат здравствена заштита и се лишени од редовни психофизички лекарски прегледи, жртвувањето на стотици деца на олтарот на некави илузорни „слободи“ и „права“, можеби е навистина социјално-медицински факт на умоболност.

Овие зборoви се поткрепени од сува статистика, што ја смрзнува крвта во жилите.

Како што објави “Њујорк тајмс“, во САД во слободна употреба се 270 милиони парчиња лесно полуавтоматско и автоматско оружје, додека во целиот свет не постои земја каде се регистрирани повеќе од 47 милиони парчиња такво оружје.

Од 1966 до 2012 година во САД се случиле 90 вооружени напади на јавни места. Наспроти фактот дека нема земја во светот каде во истиот временски период се случиле повеќе од 18 такви напади. Може уште црна хроника?

Трагичниот напад во „Сенди Хук“ во декември 2012 година е клучен момент. Тогаш, 20-годишниот Адам Ланѕа влезе во основното училиште во градот Њутон во државата Конектикат и ладнокрвано усмрти 20 деца на возраст од шест и седум години, откако претходно во неговиот дом ја убил својата мајка.

Статистиката вели дека од „Сенди хук“ до последната трагедија во средното училиште во Паркленд во јужна Флорида, повеќе од 430 деца и возрасни во училиштата во САД биле жртви на напади со огнено оружје. Од нив 138 завршиле фатално.

Се сеќава ли некој на масакрите во средното училиште во Колумбајн во 1999 година или во кампусот на колеџот „Вирџинја тек“ во 2007 година? Во изминативе две децении се случија десетици слични трагедии.

Статистката е немилосрдна, а се што може да направи американскиот политички естабилишмент е да дебатира, додека медиумите веќе по навика го пренесуваат следот на настаните кој довел до пукотници и убиства во образовните институции во САД.

Во ретроспектива, „Сенди хук,“ всушност го означи крајот на дебатата за контрола на оружјето во САД. Во врска со ова еден британски новинар напиша: „Дебатата заврши во моментот кога Америка одлучи дека убивање дечиња е нормална работа“.

Поборниците за либерален однос кон поседувањето и носењето лесно оружје имаат силно лоби во лицето на Националната стрелачка асоцијација (НРA). Со победата на Доналд Трамп и целосната контрола на извршната и законодавната власт од страна на републиканците, НРА всушност стана дел од власта. Оваа асоцијација, која е редовен донатор на Републиканската партија, вложи десетици милиони долари во изборната кампања на Трамп.

Затоа и во изјавата по повод најновиот напад во средното училиште во јужна Флорида, кога беа убиени 17 ученици и дваjца професори, претседателот не спомена никаки реформи на законот за слободно носење и поседување лесно оружје или за воведување на дополнителни рестрикции при негова набавка.

За многумина од досегашните напаѓачи подоцна беше откриено дека биле ментално нестабилни личности.

Од каде потекнува американската култура на восхит кон колтот?

Во 1791 година стапува во сила Вториот амандман на Уставот на САД кој на граѓаните им гарантира право на носење оружје. Тогаш започна да се „кали“ американската слобода – заедно со девет други амандамни. Вториот амандман е дел од популарниот „Закон на парвата”.

Првиот амандман, на пример, гарантира право на слободен печат и изразување, на јавни собири и слободно практикување на вера.

Во време кога во Русија владее закрепостено право, а Балканот е под османлискиот јарем, од другата страна на Атлантикот дуваат радикално прогресивни ветришта, несвојствени за устоличените феудални монархии на Европа.

Стариот континент е во грч пред новата светска сила во раѓање. Америка можеби ја знаеме како земја на можности, на бучна демократија и како извозник на блескави холивудски филмови и популарна музика, но тоа тешко може да ја засени двестегодишната митологија за Дивиот Запад.

Славата на каубојците, на Били Кид или ликот на Џон Вејн. Пресметките и двобоите на шерифите со лошите момци кои ограбуваат банки и ги тероризираат доселениците од новите населби во преријата.

„Били д Кид – родео“ е насловот на еден од најпознатите американски балетски перформанси од славниот Копленд. Митот за „пиштолџиите“ е зацртан во американскиот генетски културно-социјален код.

Вториот амандаман е донесен пред повеќе од два века. Оттогаш досега се случија низа тектонски поместувања во човечката цивилизација и крајно време е за негова ревизија.

Денес, ниту една европска земја не живее според закони за оружје и според животни филозофии од 18-от век. По 227 години на „современа и прогресивна Америка“, навистина дојде време Вашингтон без одлагање да го ревидира Вториот амандман.

За САД, поседувањето оружје можеби навистина е културолошки феномен. Како што е кашкавалот и виното за Французите или ајварот за Македонците.

Историски, нам ни се посреќи. Добро е што виното, сирењето и ајварот не убиваат како пиштолите и автоматските пушки.

Борис Камчев/МИА

Leave a Reply