Димитриевски: ВМРО-ДПМНЕ криминалот да го бара во своите редови (видео)

Сподели со своите пријатели

По денешните обвинувања од страна на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово се огласи претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој истакна дека криминалот треба да го бараат во своите редови, а не само во општината.

Димитриевски јавно повика доколку некој се сомнева во пречекорување на овластувањата во Советот да поднесе соодветни пријави и да се направат истражни постапки согласно законите.

Морам да истакнам дека обвинувањата кои што беа изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ на нивната денешна прес конференција се неосновани. Советот на Општина Куманово уште во 2011 година со одлука го има уредено начинот на вршење на јавниот превоз во нашата општина и тоа одлука за уредување на општински превоз на патници со вршење на дејност од јавен интерес заснована на претходно добиена дозвола – рече Максим Димитриевски, претседател на Советот на Општина Куманово.

Првиот човек на Советот истакна дека денес е доставен и извештајот за извршената ревизија во Општина Куманово и најави дека ќе го достави до сите членови на Советот, па јавноста да суди за содржината на извештајот.

Што се однесува до обвинувањата од страна на опозициската власт во Куманово дека Димитриевски заедно со градоначалникот ги режирале прашањата на последната седница на Советот, тој категорично истакна дека истите се депласирани.

Општина Куманово е една од ретките општини во Република Македонија која има институт советнички прашања, а обврската на колегите советници е не да прави политика на таквите седници туку им е на граѓаните на општината да поставуваат директни прашања до градоначалникот. Покрај четирите задолжителни седници, на секој квартал поединечно по една согласно деловникот дозволувам советниците да поставуваат прашања поврзани со дневниот ред. на оваа седница едноставно градоначалникот имаше за обврска да одговори на сите поставени прашања, но таа шанса советниците од ВМРО не ја искористија туку сакаа да ја дополитизираат седницата и излегоа на прес конференција – одговори Димитриевски.

Димитриевски додаде дека праксата на советнички прашања ќе продолжи да се реализира и во иднина според сите деловници на Советот на Општина Куманово.