Димитриевски: Со нов коцепт ќе се обидеме да го промениме нашиот град (видео)

Сподели со своите пријатели

Општинската организација на СДСМ Куманово вчеравечер одржа конференција на која членството едногласно ја изгласа листата кандидати за советници и кандидатот за градоначалник со кој партијата ќе ја бара довербата од граѓаните на претстојните локални избори.

Кандидат за градоначалник е актуелниот пратеник во Собранието на Република Македонија и поранашен претседател на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој вели дека чувството е прекрасно, но кандидатурата е предизвик и голема одговорност. На денешната прес конференција, Димитриевски истакна дека со кандидатите за советници ќе влезат во секој дом со нов коцепт.

„Со еден нов концепт да се претставиме пред граѓаните и да се обидеме да го промениме нашиот град. Заедно со вас почитувани граѓани сакаме да креираме една поубава иднина за сите. Во таа наша несебична борба за граѓаните за нашата општина, нема да правиме разлика помеѓу никој. Ќе ја бараме поддршката од сите граѓани, без разлика на својата верска, етничка и политичка припадност. Живееме во длабоко поделено општество и ќе се обидеме да ги сплотиме граѓаните, бидејќи првенствено граѓанинот е секогаш на прво место, а политиката и припадноста на второ. Со една ваква млада и позитивна и нова енергија ќе внесеме живост во Куманово, ќе му дадеме можност со заеднички сили на Куманово да продолжи да се гради, а граѓаните полноправно да работат и одлучуваат во сопствената општина“ – изјави Димитриевски.

Loading...

Носител на листата кандидати за советници е Атина Мургашанска, претседал на Унија на жени на ОО СДСМ Куманово и вработена во Североисточниот плански регион со долгогодишно искуство во политичката сцена во градот.

„Нашата советничка листа го одразува богатсвото и етничкиот состав на нашето Куманово, не има од различни етнички заедници, не има со различни професии, од различни делови на градот и општината, но како што истакнав и вчера на конференцијата, сите обединети во мислата и идејата да дадеме се од себе Куманово да има што подобар живот за секој негов дел и за секој негов граѓанин. Исправени сме пред голем предизвик да го сочуваме Куманово во напорите успешно да раководи и владее и да ја продолжи 26-годишната успешна традиција на градење на соживот, да бидеме вистински сервис на граѓаните каде потребите на граѓаните ќе ни бидат врвен приоритет“ – изјави Мургашанска на денешната прес конференција.

Составот на професии е разновиден. Од наставници во средни и основи училишта, воспитувачки во градинки, правници, економисти, лекар, ветеринар. Меѓу нив има и пензионер, земјоделец но и еден студент. Најмладиот кандидат има 22 години, а највозрасниот 63. Но, впечатливо е дека на презентираната листа ги нема претходните советици на СДСМ. Речиси никој од нив нема да добие втора шанса.

Освен СДСМ во коалицијата се и НСДП, ЛДП, Партијата на пензионерите, Срспка странка во Македонија, ДОМ, Партијата на Турците, но има и претставници од граѓанскиот сектор.