Димитриевски: Нема да нѐ поколебате да продолжиме да работиме посветено, транспарентно и одговорно (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Општина Куманово денеска на прес конференција одржана во просториите на општинската зграда, најави тужба за претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ од Куманово Бране Петрушевски, за како што рече изнесените невистини.

Loading...

Димитриевски се повикуваше на изјавата на Петрушевски дадена пред два дена од централниот штаб на партијата во Скопје.

Доколку не добие извинување, вели, повторно ќе се видат на суд.

– Ми должите еден денар за изнесените невистини и јавно извинување. Очекувам да покажете колку ги почитувате судските одлуки и законот кога некого ќе навредите нормално е и тоа е домаќинско воспитување да се извините. Ако и после оваа прес конференција нема извинување од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател на Општинскиот комитет за последните обвинувања ќе мора да се видиме повторно на суд за да се утврди вистината, рече градоначалникот.

Еден денар на Димитриевски треба да му исплати советникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, поради обидите на партијата да ги прикаже во поинакво светло случувањата на семејна прослава на градоначалникот каде дошло до физичка пресметка.

Како што вели Куманово е стабилна општина која работи на реален раст и решавање на децениските комунални проблеми.

– Во последните три години општина Куманово успешно се справува со менаџирањето на отпадот. Дел сме од проектот за затворање на депонијата во Пчиња, истата таа депонија која во минатото беше континуирано опожарувана, а во последните години нема такви проблеми. Добивме возила ги преуредивме постоечките и се обидуваме да направиме поквалитетен износ на отпадот во градот, а воедно работиме на проект за изградба на претоварна станица за отпад каде истиот тој отпад ќе се трансферира во фабриката која е составен дел од планот за изградба на проектот со Европската унија и регионално решавање на депониите во источниот и североисточниот регион, рече градоначалникот на прес конференцијата.

 

Loading...

 

По однос на изнесените ставови на Петрушевски дека и по долгогодишните ветувања за гасификација, тој процес во кумановската болница не е започнат, Димитриевски вели дека е еден од двата градови со гасна мрежа.

– Ние со сопствени граѓански средства успеавме да изградиме гасификациона мрежа и сопствена инфраструктура во сопственост на граѓаните на Општина Куманово од повеќе од 20 километри. Дополнително изработивме план за гасификација на 70 километри во градот со години наназад оваа претпријатие тонеше во финасиски проблеми, а сега состојбата е поинаква. Стабилно и на сосптвени нозе со помош на општината, советот и градоначалникот со сопствени средства и средства на граѓаните имплементира нови проекти, вели градоначалникот.

Скоро сите јавни институции, објекти, училишта и детски градинки во градот се затоплуваат на гас, а што се однесува до болницата, вели дека работата на општината е завршена и се чека само Министерството за здравство.

– Што се однесува до градската болница работата на Општина Куманово е завршена и ние доставивме гас до болницата и изградивме нова мрежа за напојување, сега на ред е Министерството за здравство да го доврши проектот за промена на котларата и конечно овој објект да биде приклучен на гас.

Во следниот период, акко што рече тој, ќе следуваат имплементација на проекти за гасификација на Центарот за култура, зградата на Секторот за внатрешни работи Куманово и градскиот Театар.

– Ниту вие од ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак било кој друг особено оние кои не посакуваат овој град да напредува, расте и да се развива, нема да не поколебате да продолжиме на патот кој го трасиравме, да работиме посветено, транспарентно и одговорно со граѓанските средства во рамки на сопствените можности да го градиме и развиваме Куманово во едно урбано место на живеење со еден европски лик. На тоа поле почнавме со децении застој и нов генерален урбанистички план, тоа го работиме во соработка со Министерството за транспорт и врски, рече Димитриевски.

Loading...

По однос на состојбата со патната инфраструктура, Димитриевски вели дека во последните два месеци се изградени и обновени над осум километри патишта во селски средини.

 Никола Ивановски

Leave a Reply