Димитриевски: На локалните избори ќе победиме во прв круг, а ја поздравувам оставката на министерот Филипче, но одговорност мора да има

Сподели со своите пријатели

Актуелниот градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски и независен кандидат за втор мандат, во вчерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа најави победа во прв круг на локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. Но, доколку дојде до втор круг, тогаш граѓаните повторно ќе одлучат.

Loading...

Во емисијата, Димитриевски информираше за неколку приоритети во работата кои ќе бидат имплементирани веднаш откако повторно ќе стапи на функцијата градоначалник.

„Тоа се решавањето на сообраќајниот метеж, изградба на нови кружни токови во градот, продолжување со стратегијата за справување со отпад, кревање на нивото на хигиената во градот, како и уредување на речните корита. И секако она што е неизбежно во 21 век за жал да зборуваме за асфалтирање на улици, бидејќи проблемите се големи, но можам да ги уверам граѓаните дека има решенија за тие проблеми“, потенцираше Димитриевски.

Тој потсети дека Општина Куманово во 2017 година имала долгови од 11ипол милиони евра, со што беше финансиски блокирана. Денеска, Општина Куманово не должи никому. Финансиски е деблокирана со сопствени средства на граѓаните и со скромната помош што ја доби, приближно 2 милиони евра од државата. Во овој момент, на сметката на Општината има повеќе од 4 милиони евра, кои ќе бидат искористени за инвестиции.

Димитриевски ја поздрави одлуката за оставка на министерот за здравство Венко Филипче по страшната несреќа која се случи во Тетово.

„Ја поздравувам оставката, но инсистирам да има по линија на одговорност и надлежности, бидејќи таму имаме жртви. 14 починати се потврдени, се шпекулира во јавноста дополнително уште една. Не знам дали ќе се потврди тоа, но како и да е имаме жртви, луѓе кои се испратени на лекување, а всушност завршија како што завршија. И ние можеме само да почувствуваме малку од тоа што го чувствуваат семејствата на тие луѓе. Дополнителна одговорност е како тоа луѓе кои не биле ковид позитивни биле внатре во тој комплекс којшто требал да биде во комплетен карантин, бидејќи ако се сеќавате своевремено јас бев повикан на одговорност и имав кривична пријава само затоа што со ковид возило сум го напуштил домот кога сум бил во самоизолација да се тестирам, а денеска гледаме како ковид позитивни се шетаат по улица бидејќи работата ни излезе од контрола. Но, тоа е. Мора да има одговорност за овој случај“, рече Димитриевски.