Димитриевски: Куманово посакува да биде дел од Европа

Сподели со своите пријатели

Куманово посакува да биде составен дел на Европа, а кумановци сакаат да живеат подобар живот рече градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски кој денеска преку прес конференција од центарот на градот ги повика граѓаните да излезат и да го поддржат референдумот на 30ти септември.

Како што рече Димитриевски, Македонија низ историјата минала низ разни крстопати и секогаш граѓаните знаеле да го донесат вистинското решение.

Кумановци сакаат обезбедена егзистенција, просперитет и стабилност, додаде градоначалникот.

–  Референдумот на 30ти е клучното прашање дали нашите граѓани ќе се одлучат за просперитет и подобра иднина, да нашите млади имаат еднакви права со младите во Европа, да имаме поголеми инвестиции во нашиот град, соодветен развој на општината, на регионите на државата. Јас посакувам да водам европско Куманово во кое сите ќе имаат еднакви можност, Куманово во склоп на големото европско семејство, затоа ја користам оваа прилика во мое лично од позиција градоначалник на Општина Куманово, дадам целосна поддршка на референдумското прашање на 30ти овој месец, затоа што носиме одлука за нас и нашите деца, но и историска одлука за идните генерации, Европа, стабилност, загарантирани граници, просперитет и економски развој, изјави Димитреивски.

На реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека граѓаните под притисок вчеравечер дошле во Центарот за културата „Трајко Прокопиев“ на трибината посветена на референдумот, Димитриевски вели дека се безидејни во моментот и нивното неизлегување со конкретен став по референдумското прашање укажува во каква состојба е партијата.

– Сите граѓани кои што беа во таа сала се дојдени самоиницијативно, на покана на јавните гласила, медиумите, беше поддржан настанот секако од политичките субјекти предводени од Социјалдемократскиот сојуз, но првенствено на овој референдум улогата на политичките субјекти кои го поддржуваат референдумот е да им објасни на граѓаните зошто е добро да се поддржи референдумот или спротивно на тоа, но пак ќе потенцирам конечната одлука е кај граѓаните на Република Македонија и во Куманово, конечната одлука за референдумското прашање ќе ја донесат кумановци. Верувам дека ќе ја препознаат вистината и ќе донесат вистинско решение по однос на референдумот и истиот ќе го поддржат, рече Димитриевски.

Инаку референдумот ќе се одржи на 30 септември, со прашањето „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“? и истиот ќе биде консултативен, односно одлуката сепак ќе зависи од власта, без разлика што ќе кажат граѓаните.

Leave a Reply