Димитриевски: Идентитетот не се брише со гума, не се менува, тој останува (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

„Ако некој сака да избрише дека сме се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, тој тогаш историјата или не ја смета за своја, или има некаков друг проблем“, ова денеска од Спомен Костурница го порача во својот свечен говор градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски по повод големиот национален празник „11 Октомври“.

Loading...

Како што рече Димитриевски овој ден со црвени букви е запишан во кумановската и македонската историја.

Историјата е таа што ни дава основа да постоиме, сегашноста е подготовка за иднината, а иднината треба да биде подобра од минатото. Изгледа оваа лекција никако да ја научиме, бидејќи сегашноста требаше да биде подобра од минатото, а не да се плашиме дека иднината ќе ни донесе реприза на претходно видено минато, рече тој.

За Македонија и за Куманово, вели Димитриевски, 11 октомври 1941 е ден што донесе движење за слобода на државата. Тој додава дека денес е важно да се знае дека македонскиот идентитет не смее да биде предмет на договори.

– Денес од кога било порано е важно да знаеме дека македонскиот идентитет не е и не смее да биде предмет на договори. Идентитетот не се брише со гума, не се менува, тој останува. Ние  политичарите сме менлива категорија, а народот е тој истиот. Народот е тој што го носи идентитетот и никој, ама баш никој, не смее да си игра со тоа прашање. А ако некој сака да избрише дека сме се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, тој тогаш историјата или не ја смета за своја, или има некаков друг проблем. Да не бидам погрешно сфатен, јас немам против ниту еден народ негативни чувства. Но имам проблем кога некој се обидува да не претстави како дел од друга нација и друга историја, вели градоначалникот.

 

 

Loading...

Според Димитриевски, случај како македонскиот нема никаде во светот, бидејќи никаде не се негира постоење на еден народ.

– Јас имам проблем со бришењето на зборот бугарски од спомен плочите, бидејќи моето семејство, нашите семејства се бореле против тој окупатор. Јас имам проблем бидејќи никој од Бугарија досега не се извинил за злоделата што ги направиле во Македонија, по примерот на Германија и нивните канцелари Брант и Меркел, туку се обидуваат да ги избришат од историјата. Е па тоа не може да се случи! Не смееме да дозволиме тоа да се случи! Заради нашите предци, заради нашите поколенија, вели Димитриевски.

Мора да постојат црвени линии, порача тој, кои не смееме да ги поминеме и мора да порачаме дека секој оној што сака да го стори тоа народот ќе го казни.

– Бидејќи овој народ знае да ја покаже својата сила најмногу кога некој го потценува. Овој народ знае да ја покаже својата сила кога некој сака да го понижи. Денеска од тука во Куманово 80 години по дигнатото Востание слободно може да кажам дека имаме многу големи предизвици пред нас. Пред нас имаме многу препреки кои треба да ги поминеме, пред нас имаме предизвик да не дозволиме да ги направиме истите грешки од минатото. Ако кажавме не за режимот, не смееме да дозволиме нов режим да завладее со нас. Не се боревме за реприза на нашите животи, се боревме за подобро утре, за иднина каде се слушаат различни ставови, каде се зборува за идеи, а не се занимаваме со подметнувања и напади, вели градоначалникот. Како да сме изгубени помеѓу лукративните зделки и националните интереси. А кога ќе ги споите зборовите зделка и национален интерес, во едно резултатот ќе биде поразителен за сите нас. Затоа сега повеќе од кога било сме пред патоказ кој пат ќе го одбереме, оној каде иднината носи сигурност, или оној каде иднината носи реприза од минатото.

Димитриевски порача дека сега од кога било порано е важно да се сплотиме и да покажеме отпор, бидејќи немаме време за чекање.

– Поминаа многу години, нештата не се менуваат на подобро, си одат младите луѓе од државата затоа што немаат перспектива.  Немаме време да чекаме да дојдат подобри времиња. Мора нив да ги создадеме. А ќе ги создадеме само ако заеднички се бориме против неправдата.  Нема правда, нема мир не смее да остане белег само на една битка. Таа треба да биде потсетник дека нема да дозволиме да се повторат истите сценарија. И мора да има правда за сите подеднакво, а така само ќе бидеме мирни дека живееме во средена држава, порача Димитриевски.

Градоначалникот на Куманово денеска вети дека и понатаму ќе остане истиот со истите ставови и ќе зборува гласно против неправдите.

– Ќе бидам напаѓан и сум напаѓан, ќе се обидат да ме оцрнат, но јас нема да се предадам. Нема, бидејќи подобар живот должиме на нашите деца, на нашите поколенија. Нема да се предадам бидејќи знам дека од мое Куманово ќе тргне револуцијата за подобра  акедонија, онаква каква што треба да ја живееме, а не да ја сонуваме. Од наше Куманово ќе тргне револуцијата за Македонија, револуција за освестување дека иднината мора да биде подобра од сегашноста, вели тој.

Loading...

Тој повика граѓаните да бидат горди на нашето минато, активни чинители на сегашноста и да ги носат позитивните промени на иднината.

Никола Ивановски