Димитриев ќе ја води државата до избори кои стануваат сè понеизвесни

Сподели со своите пријатели

Пратениците во Собранието вчеранавечер, со 71 глас „за“, девет воздржани и ниту еден против од 112-те присутни пратеници, го изгласаа составот на Владата на мандатарот Емил Димитриев, која треба да ја води земјата до завршувањето на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 24-ти април.

Од друга страна, опозициската СДСМ преку партиско соопштение изјави дека партијата и здружената опозиција нема да учествуваат на предвремените избори, се додека не се прочисти Избирачкиот список и не се даде целосна слобода на медиумите, а според Договорот од Пржино.

По изгласувањето на Димитриев, во уводното експозе, доскорешниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ пред пратениците истакна дека преодната Влада ќе го продолжи патот за реализација на изборниот процес.

Основна цел се фер и демократски избори. Државните институции ќе дадат максимална поддршка на ДИК за реализација на зацртаните цели. Ја повикувам опозицијата на конструктивност. Преодната Влада ќе направи се за фер и демократски избори. И вие треба да се вклучите во овој процес. Максимално фокусирани ќе останеме на реализација на владините проекти. Сите членови на Владата не смеат да отстапат од проектите кои се зацртани“, порача Димитриев.

Премиерот на преодната Влада, го предложи истиот состав и на заменици и дополнителни министри, кои беа изгласани синоќа во рамки на 89. седница на Собранието.