Повеќе од 90 странски делегации меѓу кои и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу ќе присуствуваат денеска на одбележување на 20 години од злосторствата во Сребреница.
Со денешната комеморација во Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат одбележани 20 години од масовните убиства на бошњачко население во Сребреница, кои според обвинението на Хашкиот трибунал ги извршиле припадници на Војската на Република Српска од 10 до 13 јули 1995 година кога беа убиени 8372 лица.
Претседателот на Организацискиот одбор и началник на општина Сребреница Ќамил Дураковиќ изјави за Танјуг дека свое присуство потврдиле премиерот на Србија, како и претседателите на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.
– Многу ни е важно регионот во вистинска смисла да биде присутен, изјави Дураковиќ.
Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вчера изјави дека на премиерот на Србија Александар Вучиќ му е соопштено дека, според проценките, безбедносната ситуација во Сребреница е сложена, и оти на него останува да донесе одлука дали ќе оди на комеморацијата.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.