Денес се чествува Светото Богојавление – Теофанија

Сподели со своите пријатели

Православните верници денес го чествуваат празникот Свето Богојавление – (Теофанија, а некаде познато и како Епифанија) како еден од дванаесетте Господови празници.

 

Loading...

Празникот Богојавление заедно со Рождеството и Крштението Негово, сочинуваат едно торжество бидејќи во единството на овие празници на светот му се јавуваат сите три личности на Пресвета Троица. Заради ова празнично единство, во периодот од Божик до Водокрстот пред Богојавление – не се пости.

Корените на празникот Богојавление водат до апостолските времиња. За него се спомнува во Апостолските установи. Од II век е зачувано сведоштво од св. Климент Александриски за празнувањето на Крштението Господово и за ноќно Бдение што се служело пред овој празник.

Во спомен на Крштението, при кое Исус Христос се потопил во Јорданските води, Православната Црква од дамнини во навечерието и на самиот празник извршува големо осветување на водата. Празничното осветување на водата својот почеток го има во традициите на Ерусалимската Црква, каде уште во I век на Христијанството се извршувало празнично излегување кон реката Јордан, за спомен на крштението на Спасителот со правење водосвет. Според древната традиција, на овој ден, по празничната света Литургија, се прават црковни литии на реки, базени и извори каде се врши чинот на големо осветување на водата.

Во древната Црква било обичај огласените т.е. кандидатите за крштевање да се крстат во навечерието на Богојавление, бидејќи Крштението е духовно просветување на луѓето.