Денес до 32 степени, од среда значителен пад на температурата

Сподели со своите пријатели

Сончево и многу топло со мала до умерена облачност е прогнозата за почетокот на оваа работна недела, според синоптичарите на Управата за хидрометеоролошки работи.

Ќе дува слаб, а во западните делови повремено умерен ветер од југозападен правец, а УВ индексот ќе има вредност седум. Минималните температури низ државата ќе бидат во интервал од 5 до 11, а максималните дневни од 26 до 32 степени целзиусови.

Стабилно, суво и многу топло време за овој период од годината ќе се задржи и утре, кога ќе дува и умерен повремено засилен ветер од југозападен правец, па така  на некои места во јужните делови највисоката дневна температура на воздухот ќе го надмине 30-от степен целзиусов.

Во Куманово и околината денес ќе го имаме најтоплиот ден од почетокот на годината, а според информациите на accuweather.com може да очекуваме температура од 29 степени целзиусови, која утре ќе биде пониска за еден, а во петок за десет степени.

Утре во вечерните, а особено во ноќните часови се очекува зголемување на облачноста и услови за слаб локален дожд. Потоа под влијание на северно воздушно струење дневните температури значително ќе опаднат за околу 5 до 6 степени.