Данска изнајмува затвор во Косово? Ќе испратат 300 затвореници!

Сподели со своите пријатели

Данска има намера да изнајми затвор во Косово, каде што планира да испрати 300 затвореници, соопшти данската влада, презентирајќи нов план за справување со пренатрупаноста на затворите.

Loading...

Според Данското радио, Копенхаген е блиску до постигнување договор со претставниците на институциите во Приштина.

Данското Министерство за правда објави дека проектот планира да изнајми 300 затворски места.

Мерката би се однесувала на странците кои биле осудени на депортација од Данска по отслужување на затворската казна.

Тоа е дел од договорот постигнат меѓу данската влада, неколку опозициски партии од двата политички спектра и управата на данските затвори.

Сепак, двете партии кои ја поддржуваат владата, Црвено-зелената алијанса и Социјал-либералната партија не го поддржаа договорот.

По тој повод, портпаролката на Црвено-зелената алијанса, Роза Лунд изјави дека владата го претворила прашањето за затворите во прашање на имиграциска политика и дека има подобри начини да се реши проблемот со капацитетот на затворениците.

Социјал-либералната партија посочува дека косовскиот затворски систем е критикуван за корупција, насилство меѓу осудените и слабо обучен персонал.

Loading...

Околу 350 затвореници треба да бидат протерани

Инаку, во 2020 година, околу 350 затвореници во данските затвори требаше да бидат протерани на крајот на казната.

Проектот исто така планира да го зголеми капацитетот на данскиот затворски систем за 326 места во периодот од 2022 до 2025 година.

Според официјалната статистика, од 2015 година, бројот на затвореници во Данска е зголемен за 19 отсто, на повеќе од 4.000 луѓе на почетокот на 2021 година, што претставува стапка на зафатеност над 100 отсто, објави АФП.

Норвешка и Белгија веќе изнајмија ќелии во Холандија, каде што испраќаа затвореници.