Дамјановски: Го известив меѓународниот фактор за хајката против нашата општина

Сподели со своите пријатели

Ги известив речиси сите амбасади во Македонија за притисокот кој се врши над мене и локалната самоуправа која ја предводам, откако власта се обиде преку кривични пријави да се пресмета со мене како со опозицски градоначалник, вели за Кумановски Муабети градоначалникот на Куманово.

Loading...

Изјавата на Дамјановски доаѓа како реакција откако денес во јавноста проструи вест дека заедно со Дамјановски, кривична пријава за злосторничко здружување од МВР добиле и вработени во општината, судии, јавни правобранители, нотари и вработени во катастарот заради наводна вмешаност во издавање градежни дозволи.

Имено, МВР има поднесено кривична пријава против гореспоменатите лица, откако во истрагата било утврдено дека постојат основи на сомневање дека го оштетиле Буџетот на РМ, и тоа преку здружување, со тоа што биле издавани дозволи за градба, за да подоцна од страна на инвеститорите се направени одредени отстапувања од основниот проект што не е вина на локалната самоуправа, вели Дамјановски.

Градоначалникот на Куманово во изјава за Кумановски Муабети додава дека пријавата била примена во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, но, надлежниот Обвинител, откако оценил дека нема елементи за кривичните дела за кои се гонат десетте лица, предметот бил препратен во Јавно Обвинителство во Куманово.

Во препраќањето на предметот, како што тврди порталот НОВА, дошло до одреден судир на надлежности, па Обвинителство го вратило предметот во Скопје, за да Јавниот обвинител одлучи кој е надлежен да ги гони осомничените.

Дамјановски во изјавата тврди дека се работи за класична хајка против него, откако полицијата подолго време се обидува да најде неправилности во работењето на локалната самоуправа на Куманово, и секојпат наидува на чиста документација,  бидејќи сите дозволи и решенија биле издадени според важечките закони и прописи за градба.

Сите издадени дозволи за градба на територија на Куманово според градоначалникот се издадени по претходно направени измени во Деталниот урбанистички план, со одлуки изгласани во Совет на Општина Куманово.