Д-р Стаменковска: ЦЗЈ не сноси одговорност за одбивање дезинфекција

Сподели со своите пријатели

Триста денари е унифицираната цена која што Центарот за јавно здравје е должен да ја наплати при дезинфекција на такси возилата кои превезуваат бегалци од Гевгелија кон Табановце, вели за Кумановски муабети д -р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во ЦЗЈ Куманово, како одговор на обвинувањата и одбивањето на гевгелиските таксисти да извршат дезинфекција на своите автомобили по завршените тури во ТЦ Табановце и нивните тврдења дека им биле побарувани по 500 мкд од возило.

Според д-р Стаменковска, таксистите не се должни да ги дезинфицираат своите автомобили, т.е не постои законска основа да бидат приморани доколку самите не се свесни за последиците од одбивање дезинфекција во услови кога вршат организиран транспорт на бегалци.

  • Ние како Центар за јавно здравје сме должни да ги следиме одредбите и заклучоците донесени од Координативното тело за справување со бегалската криза, а тоа е, да вршиме дезинфекција на возовите, јавните објекти, а од пред некој ден и на такси возилата кои побараа да бидат дел од транспортот на бегалците од Гевгелија кон Табановце, вели д-р Стаменковска.

Растворот кој се користи од 19 јуни досега е медицински потврдено средство и се работи за раствор Дизентал што се раствора на лице место и се користи за дезинфекција како превентива од ширење заразни заболувања.

  • Ние имаме свои возила во кои ја имаме потребната апаратура за правење раствор согласно правилата, и доследно се грижиме за здравјето, како на бегалците, така и на вработените во ТЦ Табановце. Возилата на такси компаниите според одредбите се исто така должни да бидат дезинфицирани, и да ги следат упатствата, но, никој никого не може да примора на нешто, во услови кога ние не сме институција која ќе поднесе законски поднесок за одбивање на дезинфекција. Тоа е работа на останатите институции.

Од друга страна, таксистите од Гевгелија велат дека во ТЦ Табановце, за истата услуга која наводно на старт во Гевгелија ги чинела 50 денари, во Табановце ги чини 500 мкд, додавајќи дека никој не сака да плаќа за обична вода.

Доктор Стаменковска во својата изјава додава дека според одредбите, контра тврдењата на таксистите, возилата при дезинфекција со раствор, треба да почекаат барем десетина минути за да одново се вратат на Гевгелија од каде ќе превезат нова тура на бегалци кои од пред два дена, може сами да бираат како и со што ќе пристигнат од јужната страна на границата до Табановце.

Цената која таксистите ја наплаќаат на бегалците се движи сто евра по тура, односно 25 евра по човек и се работи за возила кои исклучиво превезуваат бегалци, но не и останати лица.