06.09.2018 13:26

Црвена Ѕвезда го освоила турнирот во Куманово од 1962 година (ФОТО)


Пространата сала на ДТВ „Партизан“ I била арена на тридневни борби на 18 машки и женски кошаркарски екипи од Македонија и Србија во далечната 1962 година.

Три дена се воделе машки, фер борби за што подобар пласман и за освојување на преодните пехари и бројните награди.

Веднаш се издиференцирале екипите. Јасно било дека главната борба за првите места ќе ја водат белградските екипи „Црвена Ѕвезда“ и „Раднички“, „Црвена застава“ од Крагујевац и „Борац“ од Чачак.

 

Борац од Чачак

 

Во втората група се наредиле екипите од Приштина, „Будуќност“ од Пеќ, „Вардар“ и „Работнички“ од Скопје, додека останатите играле секундарна улога.

Било очигледно дека кошаркарството во Македонија опаѓа. Ниту една екипа, освен „Работнички“, ни од далеку не можела да се спротивстваи на борбените, уиграни и технички успериорни екипи од Србија. Тие доминирале на теренот.

Некои екипи, како „Трговски“ од Скопје, „Работник“ од Битола, „Текстилец“ од Штип и други, прикажале сосема слаба кошарка.

 

Кошаркарките на Партизан од Куманово биле борбени, но без доволно искуство

 

И кумановската екипа „Партизан“ стартувала слабо. Се гледало дека екипата не е уиграна, дека е без тренинг и кондиција и на брзина присобрана.

– Не можеме да бидеме задоволни од она што таа го прикажа на турнирот со оглед на убавата традиција и досегашните резултати на овој турнир. За осуда е што ДТВ „Партизан“ секоја година својата екипа ја формира од студенти и луѓе кои одамна раскрстиле со кошарка, наместо да има тим од млади тукашни играчи, пишува во текстот од 1962 година објавен во кумановскиот „Наш весник“.

Во финалето машките и женските екипи на „Црвена Ѕвезда“ и „Раднички“ од Белград прикажале убава, смилслена и интересна игра, полна со возбудливи моменти. Сосема заслужено кошаркарите на „Црвена Ѕвезда“ по вторпат го освоија првенството и преодниот пехар победувајќи го во финалето својот ривал „Раднички“ со 65:51.

Третото место го освила борбената екипа на „Црвена Застава“ од Крагујевац елиминирајќи ја многу добрата екипа на „Борац“ од Чача.

 

Раднички од Белград го освоил преодниот турнир

 

Разиграната женска екипа на „Раднички“ во директна средба ја поразила „Црвена ѕвезда“ со 56:29 и го освојува првенството со преодниот пехар.

Од македонските екипи најдобро стартувала женската екипа на „Вардар“ која се пласирала на четвртото, а машката екипа, исто така на „Вардар“, го заземала петтото место.

За најдобри кошаркари на турнирот биле прогласени и наградени играчите на Влада Цветковиќ од Црвена Ѕвезда и Радмила Ѓуриќ од „Раднички“, а за најдисциплинирани Мира Милорадовиќ од „Раднички“ и Ратомир Вуќетиќ од „Црвена ѕвезда“.

За најдобри кошаркари од Македонија биле прогласени играчите на Вардар, Владо Воиновски и Марија Бежавовска.

 

Машката екипа на Партизан од Куманово

 

Поединечни награди добиле играчот на Црвена Застава Зоран Марковиќ и Томислав Ѓелошевиќ од Борац.

Приемот на сите учесници на турнирот бил одржан во хотелот „Кристал“.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 7 (четврток, 1 февруари 1962. година)

© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови, изјави или фотографии во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува.

Последни наслови

Facebook Comments