Чевлите на „ЧИК“ завршувале на пазарите низ целиот свет

Сподели со своите пријатели

По 600.000 пара чевли годишно произведувала компанијата „ЧИК“ од Куманово кон почетокот на шеесеттите години од минатиот век, а претставувала најголема и една од најмодерните фабрики во цела Југославија.

Чевлите, производи на „ЧИК“ биле квалитетни и модерни. Фабриката одела во чекор со модата и барањата на потрошувачите. На секои 15 дена се вршела анализа што бара домашниот и странскиот пазар, па според тоа се вршела и ориентација и корекција во производството. Тоа особено важи за моделарницата. Таа секогаш била на штрек, ги откривала последните барања на модата и бргу се реагирало.

Поради тоа кумановската фабрика за чевли „ЧИК“ произведувала прекрасни женски, машки, но и детски модели.

Во почетокот на шеесеттите години била испратена првата пратка чевли за пазарот во Западна Германија, а поголем број западно-германски увозници порачале поголеми количества чевли, задоволни од квалитеот на првата пратка.

Прв контингент машки и женски чевли во 1961 година бил испратен за пазарот во Советскиот сојуз, а во истата година производите на „ЧИК“ за прв пат завршиле и на бугарскиот пазар.

За производите на кумановската фабрика интерес пројавувале и африкански земји, а за плетените мокасинки голем интерес имало во Соединетите Американски држави.

Покрај извозот, стотици илјади чивта разнични модели годишно биле продавани низ Белград, Загреб и Љубљана.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Извор: „Наш весник“ број 18 (недела, 15 јули 1962. година)

Leave a Reply