Чевларската индустрија не може да исплаќа 12.000 денари минимална плата, бара намалување на придонесите

Сподели со своите пријатели

Да се намалат придонесите за да може да се исплаќа минимална плата од 12.000 денари и одреден период да останат фиксни придонесите за плата до 18.000 денари, бара чевларската индустрија.

Здружението на чевлари од Куманово кое брои околу 50 фирми денеска предупреди дека компаниите не се моќни да исплаќаат 12.000 денари минимална плата поради што е неопходно изнаоѓање друго, заедничко решение.

Како што беше речено на прес-конференција, доцна е за зголемување на цените кон странските добавувачи, зашто сезоната е почната и тие се веќе договорени. Од друга страна, фирмите не можат да ги израмнат вработените кои би земале минимална плата со оние кои веќе земаат и по 14.000 денари.

– Најголем проблем имаме со Законот за минимална плата. Не сме против да има поголема плата, нас ни требаат работници и тие треба да имаат поголеми плати, но бараме средба со Владата и ресорното Министерствто, да најдеме средина, заедничко решение, од кој друг аспект да не ослободат за ние да ја дадеме таа поголема плата, изјави Лидија Милановска, претседател на Здружението  „Куманово“.

Милановска напомена дека само еден дел од вработените земаат минимална плата, а со новиот Закон треба да се изедначат сите иако вршат различна работа.

Од Здруженеито се пожалија и дека мора да работат и за празниците за кои, велат, пријавуваат во трудовата инспекција и исплаќаат дневница, средства кои може да се вложат за обнова на машини и опрема. 

– Во Бугарија се пониски цените и придонеситe поради што тие се поконкурентни и во ЕУ имаат помали проблеми со царина, увоз, извоз.  Дел од клиентите се префрлаат во Бугарија, Албанија, рече Милановска.

Таа потсети дека Здружението веќе имаше средба со министерката за труд Мила Царовска, а проблемите му ги пренеле и на градоначалникот Максим Димитриевски.

Извор: МИА

Loading...