Централна Хрватска рано утрово погодена од два нови силни земјотреса

Сподели со своите пријатели

Централна Хрватска, рано утрово беше погодена од два нови силни земјотреси со епицентар во областа Петриња, со интензитет од 4, 7 и 4, 8 степени според Рихтеровата скала.

Loading...

– Земјотресот во 6:15 часот беше со интензитет од 4,7 степени, а малку подоцна и нов од 4,8 степени со епицентар во областа Петриња, изјави Инес Иванчиќ, раководител на сеизмолошката служба за Хрватското радио.

– Тлото ќе се тресе долго време, земјотресот во вторникот беше разурнувачки и со голема сигурност ќе го следат голем број серии на земјотреси, меѓу кои, сигурно, ќе има и посилни, додаде таа.

Иванчиќ потврди дека послаби земјотреси ќе имаат влијание врз објектите во Петриња и Сисак, кои беа оштетени вчера. Таа изјави дека Петриња е погодена од „огромна количина“ мали земјотреси од понеделникот.

– Земјотреси се регистрираат речиси секоја минута, рече Иванчиќ, наведувајќи дека имало најмалку 25 до 30 земјотреси посилни од 3 степени по Рихтер.

По вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,2 степени по Рихтер во Петриња се почувствуваа неколку послаби. Седум лица загинаа, а материјалната штета е огромна – во Петриња речиси и да нема зграда што да не е оштетена.

Поради големите и разорни штети на електричната мрежа, околу 2.000 граѓани од областа Сисак и околу 7.000 граѓани од областа Петриња се уште се без електрична енергија по земјотресот, а снабдувањето ќе се нормализира во текот на денешниот ден.

Во Петриња, луѓето во град без електрична енергија се обидуваа да се загреат на улица со отворен оган.

Loading...

Од почетокот на 20 век, во Хрватска се регистрирани најмалку седум земјотреси со ист интензитет како оние почувствувани вчера во близина на Петриња, а најмалку четири посилни од нив, според стручните сеизмолошки истражувања.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави синоќа дека биле обезбедени речиси 16 милиони евра помош по разорниот земјотрес со епицентар во Петриња и изрази сочувство до семејствата на жртвите.

– По големиот земјотрес, во име на владата, сакам да изразам жалење и сочувство до сите што изгубија некого во земјотресот, рече премиерот по состанокот на владиниот кабинет, пренесува Индекс.хр.

Пленковиќ посочи дека се обезбедени 120 милиони куни помош, од кои 100 милиони за округот Сисак, 10 милиони за округот Загреб и додаде дека ова е само почеток.

Според истражувањето објавено во 1966 година од хрватскиот сеизмолог Драгутин Цвијановиќ, земјотреси со јачина од 6,2 степени се случиле на 2 јануари 1906 година во Кашина кај Загреб, на 30 мај 1925 година во близина на Книн и на 20 јули 1937 година во Јелса на Хвар.

Разорни земјотреси од 6,2 се случија на 27 март 1938 година на Билогора, на 7 јануари 1962 година во Подгора на Биоково и на 13 април 1964 година на Диj гора.

Најсилните земјотреси од почетокот на 20 век, кои Цвијановиќ ги категоризира како 6 и три четвртини, се случија на 8 септември 1909 година во Покупско, на 29 декември 1942 година во Имотско Поле и на 11 јануари 1962 година во Макарска, четири дена подоцна по разорниот земјотрес во блиската Подгора.

Најсилниот земјотрес е регистриран на црногорското крајбрежје во 1979 година. Неговата јачина беше 7 степени според Рихтеровата скала, но епицентарот беше надвор од Хрватска, а делумно го погоди и Конавле во Хрватска.

Loading...

Најсилниот земјотрес регистриран од списоците со вакви појави во светот се случи во Чиле во 1960 година и имаше интензитет од 9,5 степени според Рихтеровата скала. Се верува дека најмногу жртви во историјата има земјотресот од 1556 година во кинеската провинција Шанси. Тогаш животот го загубиле 830 илјади луѓе.

Златко Шумковски

Leave a Reply